Пред 30 години на 23 јуни 1989 година, филмот за култниот суперхерој Бетмен ја имаше својата премиера.
Жанр: акција, авантура, суперхерој
Режија: Тим Бартон
Сценарио: Сем Хен, Ворен Скарен
Актери: Џек Николсон, Мајкал Китон, Ким Бесинџер
Кратка содржина: витезот на темнината започнува војна со сеприсутниот криминал на улиците на Готам Сити и со својот прв голем непријател – кловнот и голем негативец Џокер.

Иако не е првиот суперхеројски филм во тоа време, „Супермен“ излезе 11 години порано, Бартоновиот „Бетмен“ може да се нарече татко на модерните суперхеројски филмови, па дури и ден-денес, дури и со трилогијата на Нолан за „Витезот на темнината“, една од највпечатливите екранизации на овој култен лик.
Сепак неговото продолжение било сѐ, само не бајковито.

Иако правата за проекција на „Бетмен“ се откупени во 1979 година, патот до негова реализација бил трновит, почнувајќи од самото креирање на сценариото, кое било кочено од некои надворешни проблеми, иако изворното сценарио напишано од Сем Хем било одобрено од самиот автор на „Бетмен“, Боб Кен. Тој бил задоволен од мрачниот приказ на Бетмен. Проблемот настанал поради пиратеријата. Односно сценариото на Хем завршило во многу продавници за стрипови низ Америка, а продукцијата „Ворнер Брос“ не била подготвена да го почне проектот порано од 1988 година, кога го ангажирала Тим Бартон за режисер, по неговиот филм „Битлџус“, филм за кој денес се подготвува продолжение.

Иако за улогата на Бетмен конкурирале многу актери од А-класа, улогата ја добил Мајкл Китон, кој соработувал со Бартон во „Битлџус“. Изборот на Китон е придружен со контроверзии затоа што Китон во тоа време бил познат по своите улоги во комични филмови. Се зборува дека во „Вернер Брос“ стигнале над 50 писма преку кои се протестирало поради можноста Китон да ја игра главната улога.
Улогата за Џокер исто така привлекла многу внимание на кастингот. Џек Николсон прифатил по долги преговори и строги услови што сам ги поставил, меѓу нив била и високата сума на хонорарот, дополнителен процент од киноблагајните, дури барал сам да одлучува за распоредот на снимањата.

Филмот почнал со снимање во октомври 1988 година, но на проблемите им немало крај. Иако снимањето било предвидено во целост да се заврши во Лос Анџелес, преголемото внимание од медиумите ја натерало филмската екипа да се пресели во Англија.

Во тоа време имало и голем штрајк од здружението на сценаристите, со што се направени одредени промени за време на сценариото, а врвот било доаѓањето на полициска екипа за време на снимање сет, поради тоа што биле украдени две филмски ленти на кои бил снимен материјал за филмот од околу 20 минути.

Целата продукција е вршена со строга тајна, а првиот трејлер е објавен на Божиќ 1988 година, што дополнително го привлекло вниманието за снимањето на филмот.
Филмот во кината е пуштен на 23 јуни 1989 година, на 50-годишнината од создавањето на ликот на Бетмен. Филмот доживеал мегаломански успех за тогашните стандарди. Заработил 40 милиони долари во првата недела од проекцијата, а бил и првиот филм што за 10 дена успеал да собере над 100 милиони долари. На крајот заработил 411 милиони долари со буџет од 48 милиони. Со ваква заработка бил петти најуспешен филм во историјата.

Филмот бил прифатен и од публиката и од критичарите. И ден-денес е предмет за пофалба.

Успехот на филмот го означи раѓањето на темниот витез на големото платно. Продолжението „Бетмен се враќа“ исто така постигна голем успех. Кристофер Нолан за почна трилогијата што и ден-денес се смета за една од најдобрите на сите времиња.
Бетмен има голем број обожаватели и меѓу денешната публика, односно денешните генерации. И покрај многубројните суперхерои, Бетмен е задолжителна лектира.