Жан Пол Белмондо (1933 – 2021)

Светската кинематографија остана без уште еден великан, во 88-та година, на 6 септември, во Париз, си замина Жан Пол Белмондо-Бебел, како што го нарекуваа обожавателите. Тој важеше за најшармантен и најмажествен „грд убавец“ на француската и на светската кинематографија, кој се прослави со своите улоги, но и со одбивањето дублери во акциските сцени што ги снимаше.
Од Белмондо, вечниот младич на подвижните слики, со голема тага се прости целата француска и светска културна јавност, а претседателот Макрон го нарече национално богатство.

Првите кадри избришани

На филмското платно, Жан Пол Белмондо дебитирал во 1957 година, но сцената во која се појавува подоцна била исфрлена во монтажата. Глумел во 85 филма, а се прослави со улогите во филмовите на францускиот нов бран во 1960-тите, додека во 1970-тите стана ѕвезда на акциските филмови. Соработувал со познатите француските режисери Жан-Лик Годар, Луј Мал, Ален Рене, Клод Шаброл, Жан-Пјер Мелвил и Франоса Трифо. Негови најпознати филмови се „Професионалец“, „Борсалино“, „До последен здив“, „Човекот од Рио“, „Чочара“, „Модерато кантабиле“, „Лудиот Пјер“, „Жената е жена“, „Сирената од Мисисипи“, „Афера Стависки“, „Асот над асовите“… Публиката го обожаваше во ликовите на шармантен аутсајдер, корумпиран полицаец, заводник… Глумецот истакнувал дека критичарите „погрешно го сфаќале“.
– Ако во некој филм не изведувам трикови и вратоломии, критиката ме напаѓа – изјавил Белмондо.
Тој додал дека особено го погодило кога во 1969 година добил лоши критики за филмот на Франсоа Трифо, „Сирената од Мисисипи“. Наградите долго го заобиколуваа, но француската кинематографија му се оддолжи со „златна палма“ на Канскиот филмски фестивал за животно дело во 2011 година. Во 2016 година доби „златен лав“ на Венецискиот фестивал, додека на доделувањето на француските филмски награди „цезар“ во 2017 година доживеа овации. Примајќи ја наградата за животно дело, Белмондо, кој отишол со бастун, бил насмеан и направил шега на сметка на својот изглед.
– Моето животно дело, пред сѐ се моите љубови, жените што ги сакав, моите деца, внуци и тоа што секогаш имав сила повторно да се вљубам – изјави во една пригода великанот, кој за многубројните генерации низ светот остана симбол на младоста, шармот и авантуризмот.

Врвно образование

Белмондо имал брилијантно образование, иако не бил одличен ученик. Роден е во предградие на Париз. Неговиот татко Пол Белмондо, син на сиромашен Италијанец од Сицилија, бил доста успешен вајар и добил неколку значајни француски награди. Тој на својот син му обезбедил школување во елитни приватни училишта и му ја всадил љубовта кон уметноста, иако во тинејџерките години Белмондо повеќе го сакал спортот, боксот пред сѐ, и сонувал да стане шампион. Можеби токму затоа го нарекуваа „боксерското лице со ангелска насмевка“.
Првата главна улога ја одиграл во 1958 година, во „Неделни пријатели“, а во истиот период остварил голем успех со филмот „Оскар“. Неговата ѕвезда е родена во 1960 година, кога ја доби улогата на ситниот гангстер Мишел во култното остварување на Жан-Лик Годар – „До последен здив“, каде што партнерка му беше Џин Сиберг, која исто така се прослави со овој филм. На Годар ова му беше прв долгометражен филм во кариерата, кој на фестивалот во Берлин му ја донесе наградата „сребрена мечка“ за најдобра режија, а филмот само во француските киносали имаше гледаност од два и пол милиони посетители.
Белмондо уште на почетоците на кариерата го споредуваа со Ален Делон и заедно беа клучни претставници на една исклучителна генерација филмски творци на кои им се восхитуваше целиот свет. Последните филмови каде што Белмондо имал главна улога се „Непознат во куќа“, снимен во 1992 година, и „Човекот и неговиот пес“ од 2008 година, приказна за старец отфрлен од општеството. Во 2001 година доживеал мозочен удар и се повлекол од јавноста.


Така зборуваше Бебел

– Шармот е способност да ги натераш другите да заборават дека изгледаш онака како што изгледаш.
– Стравот е најлошиот грев што постои.
– Искушението е парфем што го мирисате, освен ако не сакате да го имате целото шише.
– За мене, причините на срцето се поважни од аргументите на разумот.
– Нема некоја посебна тајна на долговечноста. Едноставно, сакам ова да продолжи што е можно подолго, сакам да живеам.
– Оди по сопствениот пат. Прави го она што сакаш да го правиш. Секој си ја игра својата игра.
– Кога првпат зачекорив на сцената, имав многу сомнежи. Но секогаш е неопходно храбро да се движите напред.


Сите бурни љубови

Првата сопруга на Бебел е Елоди Константин, со која се венчал во 1952 година и добил три деца. Се развеле во 1968 година. Со Урсула Андерс бил во врска од 1965 до 1972 година, со Лаура Антонели од 1972 до 1980 година, а бразилската глумица и пејачка Карлос Сото Мајор му била партнерка од 1980 до 1987 година. Тогаш се појавила Барбара Гандолфи, а славниот глумец веќе зачекорил во шестата деценија кога во 1989 година ја запознал 24-годишната танчарка Нати Тардивел.
Живееле повеќе од деценија заедно пред да се венчаат во 2002 година. Нати во август 2003 му го роди четвртото дете на тогаш 70-годишниот Бебел, а се разведоа пет години подоцна. Иако бил со многу жени и важел за голем заводник, Белмондо 80-от роденден го дочекал сам.