Уште од самите почетоци на пандемијата, на интернет можат да се најдат голем број идеи за тоа како креативно да го поминеме времето во затворен простор. Од музеи, кои виртуелно ги отвораат своите врати, па до нови вештини, кои можат да се научат во комфорноста на нашите домови. Но доколку тоа не е доволно и сè уште барате нови предизвици за самоподобрување додека сте затворени за време на пандемијата, производителот на фотоапарати „Никон“ ги изненадува љубителите на фотографијата нудејќи бесплатни онлајн-курсеви.

Истакнувајќи дека треба да го извлечеме максимумот од ова време, од „Никон“ велат дека нивната мисија секогаш била да ги мотивираат креаторите.
– Во овие несигурни времиња, можеме да го сториме тоа со тоа што ќе им помогнеме на креаторите да останат инспирирани, ангажирани и да се надградуваат – велат од компанијата.

Поделени на десет различни видеа што траат од 15 минути до еден час, онлајн-предавањата на „Никон“ се одржани од врвни професионални фотографи, кои понекогаш се амбасадори на компанијата. Лекциите, кои во нормални услови чинат помеѓу 15 и 50 долари, сега се сосема бесплатни.