Ресторан во американската сојузна држава Кентаки нуди бесплатен оброк за поддржувачите на Доналд Трамп, со, како што велат сопствениците, понудено „маслиново гранче на мирот“. Но, за да го добијат бесплатниот оброк, поддржувачите на Трамп треба да се откажат од маиците, знамињата и капите  со обележјата поврзани со Трамп, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“. 

Трој Кинг и Селена Џонсон, сопствениците на „Поло“, кои се отворени поддржувачи на Џо Бајден, ја објавија оваа понуда на Фејсбук откако кандидатот на Демкратската партија победи на изборите. 

– Откако видовме дека Бајден победи, си рековме, добро, тој дел е завршен, но, мора да откриеме како да се зближиме меѓусебно. Ова нема да донесе никаква разлика доколку не направиме некаква промена – изјави Кинг. 

Дел од корисниците на Фејсбук ја поздравија идејата, додека други се видно револтирани од ваквиот потег и изјавија дека нема да го посетат повеќе ресторанот. 

Кинг знаел дека ваквата објава ќе растревожи многумина, но искрено тврди дека станува збор за обид за примирје. Во неделата, тие добиле закана дека доколку објавата не е отстранета од Фејсбук, нешто лошо ќе им се случи. 

Наместо тоа, Кинг ја проширил понудата и за нивниот втор ресторан, а промоцијата трае до крајот на месецов. Доколку приврзаник на Трамп одлучи да ја прифати понудата, а никој не го сторил тоа од понеделникот досега, Кинг им дал инструкции и им порачал на своите вработени да не ги напаѓаат или омаловажуваат поради нивната одлука. 

– Не сакам ништо негативно да произлегува од она што го правиме – вели Кинг.

Тој не одлучил што да прави доколку некој одговори на понудата. Неколку коментатори на Фејсбук предложија да ги запали обележјата што ќе ги добие, но Кинг рече дека нема да го стори тоа. 

– Мислам дека земјата е многу поделена. На крајот на денот, сите ние само го сакаме најдоброто – вели тој.