Милутин Секулоски

Бакнежот на нуркачот не ја искажува само љубовта, нежноста и грижата кон ретката риба, охридската пастрмка. Тоа е исконски однос на човекот и околината. Тој ја истражува и грижата и љубовта кон езерото, кон севкупната флора и фауна и на природата и околината воопшто. Вакви сцени се ретки, а искучителни и дури единствени со ендемичниот вид охридска пастрмка летница во текот на мрестот кој е токму во овој период.

Нуркачот кој ја бакнува рибата е Милутин Секулоски, инструктор-тренер од нуркачкиот центар „Амфора“, Охрид. Тој е познат не само по своите видеа, подводни фотографии и филмови, туку и по еко-акциите на чистење на Охридското езеро од механички отпад, како и по единствениот зафат на пренуркување на целиот периметар на Охридското езеро каде со својата камера забележал единствени и уникатни кадри не само од уметнички карактер, туку и со научно-истражувачки потенцијал.

– Спокојот при мојата средба со пастрмката и позитивната енергија која струи меѓу двете живи стуштества нека биде порака за мир, спокојство и благосостојба на површината на земјата, а не само во длабочините – порачува Мичо.