Нов документарен филм за „Би џиз“

Бери Гиб, како последен преживеан член на легендарната поп-група „Би Џиз“ е наратор во новиот документарен филм на Ејч-Би-Оу, насловен „Како може да поправите скршено срце“. Во него е прикажана историјата на групата која стои зад хитот „Stayin’ Alive“ и култниот истоимен филм со Џон Траволта, кои го потсетуваат Гиб на неговите тројца починати браќа.

Филмот е слатко-горчлива приказна за музичарите родени во Британија, кои во Австралија ја создадоа музичката група чиј втор и трет албум во средината на 70-тите години резултирал со невиден успех во светот на поп-културата, каков што не е забележан уште од периодот на Битлси.

Гиб ги основал „Би Џиз“ со неговите браќа Робин и Морис во 1958 година, и тие останале јадрото на групата за време на нивниот почетен успех во 60-тите години на минатиот век со нивната диско музика. Најмладиот брат Енди, бил многу млад за да се приклучи на бендот, но станал музичка ѕвезда и тинејџерски идол во доцните 70-ти и раните 80-ти. Енди за жал се борел со зависноста од дрога од што на крајот починал во 1988 година, на 30-годишна возраст. Морис починал од срцев удар на 53 години во 2002 година, а Робин од рак на 62 години во 2012 година.

Гиб на крајот од документарецот се сеќава на своите браќа, велејќи дека би жртвувал сè – музиката, славата и начинот на живот, само за да може да помине уште еден ден со нив.

– Не можам искрено да се помирам со фактот дека тие веќе не се тука. Никогаш не сум бил во можност да го стори тоа. Јас секогаш ги имам во мислите. Секогаш се прашувам „што би помислил Морис или што би помислиле Робин и Енди. Тоа никогаш не исчезнува. Повеќе сакам да ги имам сите тука и да немам никаков хит – рече тој.

Денес браќата Гиб се признаени како основачи на дискозвукот и како автори на текстови за песни. Нивните хитови уште се слушаат.