Германецот Бенџамин Лист и Британецот Дејвид Мекмилан се годинашните добитници на Нобеловата награда за хемија. Тие беа наградени затоа што развиле нова прецизна алатка за молекуларна конструкција – органокатализа, пишува „Еуроњус“.
Многу истражувачки области и индустрии зависат од способноста на хемичарите да конструираат молекули што можат да создадат еластични и долготрајни материјали, енергија во батериите или да спречат понатамошна прогресија на болест – соопшти Шведската кралска академија на науките.
Како што е наведено, за тоа се потребни катализатори, супстанции што ги контролираат и забрзуваат хемиските реакции.
На пример, катализаторите во автомобилите ги претвораат токсичните материи од издувните гасови во безопасни молекули. Нашето тело содржи илјадници катализатори во форма на ензими што лачат молекули потребни за живот – посочуваат тие.
Оттаму истакнуваат дека катализаторите се основна алатка за хемичарите и дека научниците веќе долго време веруваат дека постојат само два вида катализатори – метали и ензими.
Бенџамин Лист и Дејвид Мекмилан се добитници на Нобеловата награда за хемија за развој на трет вид катализатор. Тој се нарекува асиметрична органокатализа и се надоврзува на мали органски молекули – објаснија од Шведската кралска академија на науките.
Лист е роден во 1968 година во Франкфурт и работи на универзитетот „Гете“ во Франкфурт. Мекмилан е роден во 1968 година во Белшил, Велика Британија, а работи на универзитетот „Принстон“ во САД.