Иако летото во Велика Британија не беше многу сончево, тоа не му пречеше мистериозниот британски уметник Бенкси да се прошета по крајбрежјето на Норфок и Сафок и да создаде десетина нови дела.

На видео објавено на Инстаграм, анонимниот уметник потврди дека станува збор за негови автентични, нови дела. Тој обиколи неколку градови во комбе, а објави и снимка на која може да се забележи како ги изработува неговите дела со спрејови.

Но, изгледа дека не се сите среќни што Бенкси се врати. Иако многумина ги дочекаа новите дела со голема доза ентузијазам, едно од нив веќе е вандализирано. Во саботата, во Сафок, некој со бела боја го вандализирал стаорецот кој на лежалка пие коктел, едно од новите дела на Банкси.

Многумина беа вознемирени од вандализмот, но не и изненадени.

– Мислам дека е важно никој да не биде обвинет за ова. Дури и ако делата на Банкси ги заштитите со перспекс, ништо не ги спречува луѓето да ги запалат делата, на пример. Убавината на овие дела е тоа што истите се направени на опасни, отворени локации. Каде на друго место би виделе уметност вредна милиони фунти на ѕид на плажа – вели локалниот жител Ричард Гирлинг.