На Петроварадинската тврдина во Нови Сад, Србија, в четврток, почнува 20-от јубилеен меѓународен музички фестивал „Егзит“, кој ќе трае до 11 јули. Организаторите на својот сајт веќе ги објавија и протоколите за посетителите на манифестацијата, според кои, влезот на четиридневниот музички земјотрес ќе биде ограничен на оние што имаат негативен ПЦР-тест или брз антигенски тест.
А што се однесува до музичкиот дел, прославата ќе биде погласна со: „Хладно пиво“, „Ван Гог“, Марко Луис, „Сабатон“ и „Лајбах“, Рундек и неговиот состав „Екипа“, „Атеист Рап“ и „Лав Хантерс“. Цврстата регионална струја ќе даде дополнителна ширина на програмата на фестивалот, која ја предводат Дејвид Гета, Диџеј Снејк, Тајга, Нина Кравиц, Пол Калкбренер, Соломун, Амели Ленс, Масео Плекс, Џонас Блу, Робин Шулц, Асаф Авидан, Сатори, Борис Брејча, Хани Дижон, Хот Синс 82, Медуза, Шек Вес, унгарскиот „Фран Палермо“, потоа „Неми песник“, „Инстант карма“, Иван Јегдиќ, како и победниците на конкурсот „Плеј Егзит“ – четирите одлични авторски бендови – „Норвешка шума“, „Кени није мртав“, „Д Петинг Блус“ и „Бас и стега“.
Од Македонија на сцената ќе прозвучи оркестарот „Есма’с бенд некст генерејшн“ што го предводи познатиот музичар Симеон Атанасов, кој повеќе од 40 години настапуваше како дел од оркестарот на мајка му Есма Реџепова. Елеонора Мустафова, нејзината единствена ќерка, ја наследи ромската кралица. Засилување ќе бидат и браќата Нуне и сите заедно ќе ги исполнат големите хитови на Реџепова, но и некои нови песни.
Бендот ќе настапи на 11 јули на „Фјужн сцената“.
Во продажба моментно се наоѓа ограничен контингент влезници за „Егзит 2021“, а сите влезници купени за минатогодишното издание важат и сега.