Препорачуваме пет летни активности во кои би можеле да уживате на отворено, а се безбедни дури и за време на пандемијата, доколку се следат препорачаните мерки

Превентивни антикорона-совети за мирно лето

Летото е во полн ек, но поради ширењето на коронавирусот, сепак, треба да бидеме претпазливи и одговорни во активностите што ги преземаме. Уште во фазата на „отворање“, се прашуваме дали можеме да одиме на базени, скари, трки, концерти, улични фестивали и други активности на отворено без страв, бидејќи многу ги сакаме летото и дружењето на отворено, а со оглед дека кривата на новозаразени повторно секојдневно расте.
Еве пет летни активности во кои може да уживате на отворено, а тие се безбедни дури и за време на пандемијата на коронавирус ако ги следите препорачаните мерки.

Физички дистанциран пикник

Немате причина да не направите пикник во вашиот двор или на некоја ливада на отворено. Почитувајте ги препораките за физичка дистанца еден од друг, што не треба да ви претставува проблем, и избегнувајте да споделувате садови.
Д-р Рашид Шотани, епидемиолог и специјалист за заразни болести, вели дека не треба да се консумира чипс или на пример салата од зеленчук од иста чинија. Подобро и побезбедно за секого е ако секој оброк се служи одделно. Исто така, се советува да не ја допирате храната што нема да ја земете и да не споделувате шишиња или чаши.

Пливање во езеро или во базен

Сè уште не е докажано дали коронавирусот се шири низ вода, така што побезбедно е пливање во езерските води. Ако се применуваат хигиенските мерки во базените – дезинфекција со хлор и туширање на посетителите пред влегувањето во базенот – и базенската вода е микробиолошки исправна и речиси безбедна од зараза со коронавирус. Имено, според здравствениот портал WebMD, коронавирусот може да се најде во урината од заразените лица, па може да се најде и во отпадните води. Затоа е важно микробиолошките мерки да се применуваат редовно, како и тоа базените и просториите за капење да бидат добро заштитени од канализациските испусти.
Професорот по микробиологија и имунологија на американскиот универзитет Аризона, Чарлс Герба, кој ги проучувал коронавирусите во вода, вели дека тие може да преживеат во вода од два до три дена, но сѐ уште не е јасно дали вирусот на ковид-19 може да нѐ зарази во вода. Сепак, поголема опасност од водата се самите луѓе, па затоа држете растојание од другите најмалку метар и половина и во езеро и во базен. Однесувајте се така и кога ќе излезете од вода, бидејќи со пропишаното растојание ја намалувате можноста да се заразите преку аеросоли, т.е. со искашлување, што е реално поголема опасност дури и ако се утврди дека можеме да се заразиме со коронавирус и преку водата. Ако на плажата користите заеднички санитарни простории или престојувате на места за поголемо собирање луѓе, почесто мијте ги рацете и носете маска.

Кампување

На големо се зборува за тоа дека пристигнува златната доба на кампувањето (омилениот начин за одмор на Северните Европејци). Камповите се попривлечни и побезбедни места поради полесното одржување физичка дистанца, престојот во природа и помалата флуктуација на луѓе. Секој поседува своја опрема (шатор, вреќа за спиење, прибор за готвење) и не ја дели со другите. Ако сè уште не сте сигурни дали би се вклучиле во незаборавна авантура за кампување, мобилните домови се исто така добар избор и има сè повеќе од нив. Тие обезбедуваат свое парче простор, во кој можеме непречено да престојуваме и да имаме сопствен санитарен јазол.

Кафе во кафуле

Утринското или попладневното пиење кафе во кафуле е еден од најомилените начини за минување на времето. Иако кафулињата и рестораните се отворени, а со препораката за носење маски и релативно безбедни, сепак подобро одете во кафулиња и ресторани што се на отворено и каде што можете да држите растојание од метар и половина до два. Избегнувајте затворени простории со многу луѓе. При влезот задолжително дизинфицирајте ги рацете и обидете се да не допрете ништо непотребно. Не задржувајте се на шанкот, освен кога нарачувате, а доколку има закуска во садови на масата, избегнувајте ја, а по можност не користете ги зачините и чепкалките за заби што се на масата.

Што ако треба да користите заеднички тоалет?

Колку што е можно повеќе избегнувајте ги јавните тоалети, но ако не можете, секогаш носете маска и алкохолно средство за дезинфекција, доколку во тоалетот нема. Мијте ги 20 секунди рацете со сапун и топла вода, а потоа не заборавајте да ги дезинфицирате со алкохол.
При пуштањето вода во веце-школката, прво што треба да направите е да го затворите капакот. Неодамнешни истражувања покажаа дека миењето на тоалетот може да создаде облак од аеросолни капки што можат да останат во воздухот доволно долго за се заразите вие и оние што по вас влегле во тоалетот. Затворањето на веце-школката и носењето маска значително го намалуваат ризикот од инфекција со коронавирус.

Дали е безбедно да се патува воопшто?

Планираното патување е проблем за многумина што сè уште се сомневаат. Меѓутоа, со внимателно планирање и придржување кон пропишаните мерки, не треба да се откажете од патувањето. Најважно е постојано да се информирате, да ги следите препораките од кризниот штаб за цивилна заштита, официјалните веб-страници за коронавирус, информациите за сообраќајот и мерките што ги издава Министерството за внатрешни работи.
Подобро е да патувате со вашиот автомобил, бидејќи тоа ќе ја намали можноста од инфекција и ќе го скрати времетраењето на патувањето. Без оглед на фактот дека ги има на сите бензински пумпи на автопатиштата, би било добро да понесете марамчиња за дезинфекција и ракавици за домаќинство за еднократна употреба.
Користете ракавици за еднократна употреба за време на полнење бензин и при допирање површини на бензинските пумпи. Исто така, дезинфицирајте ги рацете, воланот, менувачот и другите внатрешни површини на возилото по враќањето од пумпа или продавница. Кога останувате на места за одмор, зголемете ја хигиената на рацете, ставете маска ако сте во контакт со другите и одржувајте физичко растојание кога е можно. Се препорачува наплата на патарините со картичка.