Фото: Сања Јачевска

Во рамките на предвидените активности ќе се изврши замена на дотраените клинови во карпите, чистење на насоките од вегетација и отстранување на ронливите делови, како и маркирање на пристапните патеки, вели Костантин Циривири, претседател на Македонската алпинистичка асоцијација

Алпинизмот е брутален, елегантен и феноменален предизвик истовремено. Тоа е комплетен тренинг за цело тело.

Според Костантин Циривири, претседател на Македонската алпинистичка асоцијација, во Македонија има одлични услови за развој на алпинизмот, има сериозна алпинистичка заедница, има население што во колективната свест го негува поимот за планината, има луѓе што се подготвени да се посветат целосно на алпинизмот, но потребни се институционална поддршка и чести контакти со развиениот свет.

Македонската алпинистичка асоцијација минатата година во соработка со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија (АППТРМ) изработи проект за уредување и промоција на македонските алпинистички локалитети како туристички атракции. Во рамките на проектот е планирано уредување на четири алпинистички локалитети – Матка (крај Скопје), Демир Капија, Остра Карпа (Селечка Планина, крај Прилеп) и Лешница на Шар Планина.

– Благодарение на АППТРМ правиме значајно поместување. Побезбедните алпинистички локалитети претставуваат атрактивни туристички дестинации, кои привлекуваат туристи од регионот и од светот. Во рамките на предвидените активности ќе се изврши замена на дотраените клинови во карпите (во алпинистичките насоки), ќе се изврши чистење на насоките од вегетација и отстранување на ронливите делови во карпите, како и маркирање на пристапните патеки и патеките за враќање од насоките. Сите активности се насочени кон зголемување на безбедноста во алпинистичките локалитети, а со тоа ќе се зголемат и нивната атрактивност и посетеноста. На крајот ќе се издаде книга водич за алпинистичките локалитети и ќе се изработи мобилна апликација, во која ќе бидат вметнати и содржини од поширок туристички интерес за посетителите – ни сподели Циривири.

Алпинизмот е комплексна дејност и веројатно еден од најекстремните спортови каде што се потребни големи вложувања.
– За развој на алпинизмот е неопходно да се има институционална поддршка за да се обезбеди стручно воден и континуиран развој, наспроти стихијните и краткорочни успеси. Треба да бидеме свесни дека во нашата земја живееме во услови на низок животен стандард и ниска општествена култура за занимавање со спорт, особено со спортовите во природа. Недоволната институционална поддршка и нискиот степен на култура за планинарство и алпинизам, се главната пречка за развој на алпинизмот – вели Костантин.

Тој додава дека уредување на алпинистичките локалитети има големо значење за развојот на алпинизмот. Ефектите ќе бидат директни – преку зголемување на качувањата што се изведуваат од страна на домашните алпинисти, но и индиректни – преку зголемената посета од странски алпинисти, кои неминовно ќе стапат во интеракција со домашната заедница, врз која, секако, ќе имаат позитивно влијание. Меѓутоа за долгорочно решавање на проблемот со уредувањето на алпинистичките локалитети неопходно е тие да добијат статус на спортски и туристички објекти, кои ќе бидат под перманентна грижа на државата.

Фото: Сања Јачевска

– Македонскиот алпинизам е под нивото на кое се наоѓа светскиот алпинизам и покрај речиси идеалните услови, климатски и релјефни, кои ги поседуваме. Во минатото се правеле одредени поместувања, благодарение, пред сѐ, на општествената поддршка. Секако, заслугата на луѓето што биле носители на сите тие активности е голема. Друг важен проблем за стагнацијата на алпинизмот е немањето традиција за алпинизам и отсуството на чести контакти со алпинисти од развиените алпинистички средини. Без размена на нови искуства, нови информации и посета на странски локалитети, лесно се влегува во замката на локална интерпретација на секое достигнување, кое се мери според ефектот што ќе го предизвика во јавноста, а не според реалните алпинистички стандарди. Еден од основните проблеми со кои се соочуваше македонскиот алпинизам е непостоењето на институционализација на алпинизмот. Најважното нешто беше формирањето на Македонската алпинистичка федерација, како национална спортска федерација на македонските алпинисти, која овозможува да се реализираат неколку акции годишно во европските алпинистички центри. Далеку е од доволно, но претставува значително поместување – објаснува Циривири.
Тој тврди дека Македонија има огромен потенцијал.

– Имаме одлични релјефни и климатски услови, впрочем Македонија е планинска земја со голем број карпести локалитети од кои добар дел со висинска разлика повеќе од 300 метри и поставени на надморска височина над 2.000 метри. Од друга страна, навиките на нашиот човек – луѓето од ова поднебје отсекогаш знаеле да живеат на планина, разбирајќи ја планината во најдлабоката суштина на поимот планинско живеење. Но мора да бидеме свесни дека овие потенцијали сами по себе нема да донесат резултати доколку не се работи, доколку не се практикува алпинизам. А за тој да се практикува и да се развива, потребни се знаење, институционална поддршка и организирана работа – вели Циривири.

Во Македонија има голем број локалитети каде што постојат одлични услови за практикување алпинизам. Некои се посоодветни за зимски алпинизам (карпа, снег, мраз), некои за летен алпинизам (сува карпа). Некои се посоодветни за почетници, а други за напредни алпинисти.

– Што поскоро треба да се прошират активностите со локалитети од охридскиот регион на Галичица, во Маврово, на лешничките карпи. Македонската алпинистичка федерација има изработен десетгодишен план за уредување на алпинистичките локалитети и доколку продолжи поддршката од државните институции, убеден сум дека за десетина години Македонија ќе стане препознатлива дестинација за овој вид туризам. Во Европа и воопшто во светот постои огромна потреба од нови туристички дестинации за овој вид активности. Македонија е убава земја, има пријатна клима, убава храна, гостопримливи луѓе. Алпинистичките локалитети се атрактивни, многу малку експлоатирани, нема метеж во нив, што е сериозен проблем за некои од најпознатите европски дестинации, а огромна предност за нас. Алпинизмот како форма на авантуристички туризам може да донесе повеќекратни бенефиции за државата и за општеството, како во економска смисла, така и во културна и социјална смисла – тврди претседателот Циривири.