Бебињата што се хранат со шишиња секојдневно голтаат милиони микропластични честички, покажало истражувањето опишано како пресвртница во разбирањето за влијанието на исклучително малите парчиња пластика врз луѓето.
Научниците утврдиле дека препорачаната температура за стерилизирање на пластичните шишиња и за приготвување млеко предизвикува ослободување на милиони микропластични честички и една милијарда нанопластични честички.
Истражувањето опфатило шишиња изработени од полипропилен, а тие сочинуваат 82 проценти од светскиот пазар. Главната алтернатива се стаклените шишиња. Полипропилен е најчесто користен вид пластика, а тестовите покажале дека и други садови за течности направени од овој материјал, исто така, ослободуваат милиони микропластични честички на литар течност.

Студијата ги потврдила претходните тврдења дека микропластиката значително ја загадува храната. Сè уште не е утврдено точно како микропластиката влијае на здравјето на луѓето, па затоа научниците повикуваат итно да се истражи тоа. Како што наведуваат, тоа е првенствено потребно да се направи кај новороденото население.
Професорот од колеџот „Тринити“, Џон Боланд, истакна дека тие се целосно зачудени од количеството микропластика што се создава во шишето за бебиња. Тој посочи дека е потребно да се испита колку микропластика достигнува до крвотокот и до другите делови на телото.
За Филип Швабл од Медицинскиот универзитет во Виена ова истражување е пресвртница, бидејќи покажало дека алармантно количество микропластика се внесува во организмот за време на консумирање на некоја намирница. Тој исто така ја истакнува потребата да се испита како оваа супстанција влијае на здравјето на децата.
Оливер Џонс, професор на универзитетот РМИТ во Мелбурн, пак, вели дека родителите што ги користат овие шишиња не треба да се чувствуваат виновни, туку дека треба да се справат со овој проблем.

Претходно, научниците предупредуваа дека се загрижени за количеството микропластика што може да влезе во организмот, на пр. со консумирањето вода од пластично шише.
Студијата е објавена во списанието „Нејчс фуд“ и со неа се опфатени три четвртини од светската популација. Истражувачите проценувале дека бебињата просечно се изложени на 1,6 милион микропластични честички на ден во првата година од хранењето со овие шишиња. Во САД, Австралија и во европските земји, таа бројка е повеќе од два милиони, пишува „Гардијан“.