Американскиот астронаут Баз Олдрин ги тужи двете деца и нивните поранешни бизнис менаџери бидејќи наводно му украле пари, но и за клевета бидејќи говорат оти боледува од деменција.

Тужбата, откриена во понеделник, е поднесена на Флорида, една недела откако неговите деца побарале контрола над неговите финансии. Неговото семејство му рекло на судијата дека му е потребен законски старател бидејќи „когнитивно опаѓа“.

Олдрин(88) беше вториот човек што шеташе по површината на Месечината.

Во тужбата тврди дека неговиот син, ќерката и поранешната менаџерка Кристина Корп му ги поткопувале „личните романтични врски“, забранувајќи му да се ожени.

Понатаму во тужбата на Олдрин се наведува дека неговиот син и Корп неправилно ја преземале контролата врз неговите финансии, вклучувајќи милиони долари вредни „вселенски артефакти“.

Неговиот најстар син не е вклучен во тужбата.

Експерт за психичко здравје именуван од страна на судот ќе го процени Олдрин подоцна оваа недела.

Преку соопштение неговите деца велат дека се тажни заради „неоправданата“ тужба.

Олдрин беше член на екипажот на Аполо 11 која во 1969 година стана првата мисија која успешно однесе двајца астронаути на Месечината.

Во последните години стана голем заговорник за населување на Марс.