Бабата на едно 13 годишно девојче во Велика Британија била шокирана кога во дворот затекнала коњ, кого нејзината внука го порачала преку интернет.

Кралското друштво за спречување на суровост кон животните соопшти дека девојчето на интернет го видела огласот во кој пишувало дека никој не сака да го вдоми животното и дека поради тоа ќе биде успиено, пренесува Би-Би-Си.

Таа ја дала адресата на својата баба, а коњот наскоро бил испорачан во нејзиниот двор.

Организацијата за заштита на животните наведе дека коњот по име Мелвин Ендруз, е неухранет и полн со болви.

Коњот не бил чуван на соодветен начин пред да биде напуштен, а претходниот сопственик не бил пронајден.

Животното сега се наоѓа во стационарот за коњи „Ворлд хорс черити“.