Легендарната „Песна за Скопје“ (попозната како „Градот убав“), на маестро Алаксандар Џамбазов и Бошко Смаќоски, која е заштитен знак на детскиот фестивал „Златно славејче“, а според многумина и химна на Скопје, доживеа нова и свежа верзија, плод на соработката меѓу групата „Ај кју“ и Тони Зен. Тие ги споија енергиите, го дополнија и изменија текстот и во еден сосема нов аранжман ѝ вдахнаа нов живот на оваа песна, која остана да живее до денес. Поточно за аранжманот се погрижи Бојан Трајковски, а на текстот работеше Тони Зен.
Поводот за оваа фузија на идеи беше третото издание на фестивалот „Скопје лајт арт дистрикт“ што деновиве се одржа под мотото „Градот зелен пак ќе никне“ во организација на „Универзалната сала“, под покровителство на Град Скопје.
Песната е снимена во студиото „Подрумот“ за која микс и мастер изработи Ангел Ќосев. Веќе се изработува и видеозапис со содржини снимени за време на фестивалот на светлината „Скопје лајт арт дистрикт“.