Истражувањето спроведено на околу 7.000 студенти, со просечна возраст од околу 23 години, од 37 земји, донесе список со најголемите херои во историјата на човештвото, како и најголемите негативци. Земјите што беа вклучени во студијата се Аргентина, Пакистан, Јужна Кореја, Италија и САД, пишува „Дејли мејл“. Студентите добија список од 40 важни историски личности во студијата, кои тие мораа да ги рангираат според тоа дали ги гледаат како „негативци“ или херои. Списокот на „херои“ не беше изненадувачки, иако можеби изненади местото што го „зазедоа“ одредени личности. На пример, Ајнштајн е „позициониран“ подобро од Исус Христос, Махатма Ганди е на третото место, додека Буда е „само“ десетти. Мислењата на студентите од земјите главно се совпаднаа на прашањето кои се „хероите“ на човештвото, но не и кога се поставува прашањето – кои се „негативците“.
Една личност може да се процени многу негативно во една земја, помалку негативно во друга или многу позитивно во друг дел од светот.

– Таков беше случајот со Осама бин Ладен, на пример – информира Дарио Перез, професор на универзитетот УПВ / ЕХУ.
Како што се очекуваше, Адолф Хитлер беше првиот негативец. А поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш ги „престигна“ Сталин, Мао Ѕедунг и Ленин. Тој се рангира високо на списокот на „негативци“.
Попрецизно, на листата најголеми херои на човештвото на првото место е Алберт Ајнштајн, а по него следуваат Мајка Тереза, Махатма Ганди, Мартин Лутер Кинг, Исак Њутн, Исус Христос, Нелсон Мендела, Томас Едисон, Абрахам Линколн и Буда. Додека списокот на најголемите негативци почнува со Адолф Хитлер, по кого се набројуваат Осама бин Ладен, Садам Хусеин, Џорџ В. Буш, Сталин, Мао Ѕедунг, Ленин, Џингис-хан, Саладин и Чин Ши Хуанг.