Портрет на Александар Пушкин

Многумина прочитале или слушнале за Александар Пушкин, зачетникот на новата руска литература, творецот на рускиот литературен јазик, родоначалникот на рускиот романтизам и реализам. Пушкин исто така се пројавува во сите постојни жанрови и е создавач на новиот роман во стихови, а негово најпознато дело е „Евгениј Онегин“. Но малкумина се запознаени со неговото необично и возбудливо потекло. Колку и да звучи чудно, овој руски бард има африканско потекло и не случајно главниот лик во Пушкиновиот недовршен историски роман „Арапот на Петар Велики“ е втемелен врз основа на животот на неговиот прадедо Ибрахим Ханибал.

Кој бил Ибрахим Ханибал?

Поради недостиг од изворна документација, не може точно да се лоцира потеклото на прадедото на Пушкин. Според една теорија, Ибрахим Ханибал води потекло од Етиопија или Еритреја и има хамитски корени, а според друга теорија, потекнува од Централна Африка и е припадник на црната раса. Без разлика на различните верзии, истражувачите се согласни дека Ибрахим Ханибал потекнува од африканскиот континент.

Споменик на Ибрахим Ханибал во Москва

Се верува дека таткото на Ибрахим Ханибал бил богат крал или главатар што владеел на бреговите на езерото Чад. По смртта на неговиот татко, младиот Ибрахим бил грабнат и со брод одведен во Истанбул. Во престолнината на Османлиската Империја околу една година бил во служба на султанот Ахмед Трети и го привлекол вниманието на рускиот амбасадор. Набргу потоа Ибрахим е откупен од везирите и испратен во Русија. Во Москва, младиот Африканец му бил претставен на рускиот цар Петар Велики, кој ги забележал неговиот потенцијал и интелигенција. Во 1705 година ја прифатил православната христијанска вера и бил крштеван како Петар Петрович Петров, а според традицијата негов кум бил рускиот цар Петар Велики.

Поради неговите способности бил испратен во Мец, каде што го продолжил своето образование. Во 1718 година ѝ се придружува на француската армија, а две години подоцна се запишал во кралската артилериска академија, за да изучи воено инженерство. Во текот на војната помеѓу Франција и Шпанија, Ибрахим како француски војник се бори против шпанските сили и се стекнува со чинот капетан. Во текот на престојот во Франција, Ибрахим го присвојува презимето Ханибал, во чест на славниот карагински војсководец.

По враќањето во Русија, најпрво работел како инженер, а подоцна и како учител по математика на царската гарда. По смртта на Петар Велики, паднал во немилост и бил протеран во Сибир. Поради своето образование и вештини бил помилуван и набргу станал истакнат дворјанин кај руската царица Екатерина Прва. Ибрахим Ханибал се стекнал со чинот генерал-мајор и бил именуван за управник на градот Ревал (Талин). Поради неговите способности, руската царица го наградила со имот и благородничка титула.

Иван Ханибал – еден од синовите на Ибрахим

Потомците на Ибрахим Ханибал?

Ибрахим бил женет двапати. Негова прва жена била Гркинката Евдокија, со која немал деца, а подоцна се развел. Негова втора жена била Кристина Регина фон Шеберг, која потекнувала од шведско-германско благородничко семејство. Со Кристина имал десет деца, меѓу кои и синот Осип, кој ја имал ќерката Надежда, мајката на Александар Пушкин. Најстариот син на Ибрахим, Иван, бил успешен поморски офицер и достигнал висок воен чин.