Водката проиведена од жито пораснато во регионот на Чернобил би можела да започне масовно да се произведува, во обид да се возобнови економијата на местото кое ја доживеа најголемата нуклеарна катасторфа на светот пред 33 години, објави „Гардијан“.

Наречена Атомик, водката во својот состав нема никакво присуство на радијација и е безбедна за пиење, твдрат научниците. Професорот Џим Смит од Универзитетот во Портсмут се надева дека традиционално произведениот алкохолен пијалок би можел да се продава преку претпријатието „Чернобил спирит компани“ и притоа 75 отсто од профитот да се враќа кај локалното население.

Реакторот број 4. во нуклеарната централа во Чернобил експлодираше на 26 април 1986 година, предизвикувајќи бран од радиоактивна прашина ширум Европа. Во радиус од 30 километри од експлозијата, евакуирани беа 350 илјади жители, а регионот беше прогласен за небезбеден за живот во следните 24 илјади години поради радиоактивност.

Денес, локалните компании нудат туристички патувања низ зоната, која сега е пошумена. Истражувањата покажуваат дека околу Чернобил има голем биодиверзивитет и ескпертите пријавуваат минимални негативни ефекти од радиацијата врз флората и фауната.

Професорот Џим Смит за „Гардијан“ изјави дека водката е создадена со минерална вода од извор во близина на Чернобил.

– Мислам дека ова е најважното шише водка во светот, поради тоа што би можело да помогне за економското возобнување на заедницата која живее во и околу напуштените региони – истакна тој.