Атиџе Муратова, главната хероина на документарниот филм „Медена земја“, добитник на две номинации за „оскар“, деновиве е во Скопје, каде што во студиото „Сити саунд“ ја снима песната „Чекор по чекор“, која ја пее во дует со Васил Чамов. Аранжманот го направија Љупчо Соколовски и Илчо Јованов.

– Првпат сум во студио и имав мала трема, ама сега веќе се навикнав. Снимав дел по дел и не грешев. Во план е снимање уште на две песни. Многу сум возбудена и среќна. Требаше снимањето да се случи порано, ама поради коронавирусот сѐ се одолжи. Планирано е со новата песна да настапам на Денот на пчеларите, како и да снимам реклама за мед – открива Атиџе Муратова дел од своите планови за иднина.

Таа додава дека е многу радосна затоа што досега ѝ се оствариле многу желби.
– Ете, никогаш не се знае што ти носи животот. Од сиромаштијата во која живеев, сега ми се отворија сите патишта. Најважно е човек да биде добар, да нема лоша мисла и тогаш сѐ е полесно и остварливо – вели Атиџе.