Астрономите го потврдија постоењето на Проксима б, егзопланета малку поголема од Земјата што орбитира околу ѕвезда најблиску до нашето Сонце.
Европската опсерваторија ја пронајде планетата во 2016 година, со помош на спектрографот „Харпс“, но сега астрономите решија да го искористат големиот телескоп со седиште во Чиле за поточни мерења на планетата. Овој телескоп има нов и помоќен спектрограф, наречен „Еспресо“.

– Веќе бевме многу задоволни од функцијата на „Харпс“, кој во изминативе 17 години е одговорен за откривање стотици егзопланети, а сега „Еспресо“ може да ни даде уште подобри мерења, што е награда за десетгодишната тимска работа – вели Франческо Пепе, автор на истражувањето на новата егзопланета и професор по астрономија на Универзитетот во Женева.

Истражувачите откриле дека Проксима б е 1,17 пати поголема од Земјината маса. Претходно мерењата на „Харпс“ покажаа дека Проксима б е 1,3 пати поголема од Земјата. Проксима б го завршува орбитирањето околу својата ѕвезда наречена Проксима Кентаур на секои 11,2 дена. Проксима Кентаур се наоѓа на оддалеченост од 4,2 светлосни години од нашето Сонце. Оваа егзопланета е 20 пати поблиску до својата ѕвезда отколку што Земјата е оддалечена од Сонцето. Таа е црвена џуџеста ѕвезда со ниска маса, што значи дека иако егзопланетата е блиску до оваа ѕвезда, таа добива слична енергија како што Земјата користи од Сонцето.

-Проксима б е многу посебна меѓу сите познати егзопланети. Таа е најблиската егзопланета до нас, приближно со големината на Земјата. И покрај фактот дека „Харпс“ јасно ја откри оваа егзопланета во 2016 година, требаше тоа да се потврди со „Еспресо“ за да се отстранат сите сомнежи – рече Кристоф Ловис, коавтор на истражувањето.

Резултатите од истражувањето на егзопланетата Проксима б беа објавени во списанието „Астрономи енд астрофизикс“.