Благодарение на програмата „Време за приказна од вселената“, која пред неколку години ја почна непрофитната организација „Глобал спејс еџукејшн фаундејшн“, децата може да слушаат приказни што ги читаат астронаутите во Меѓународната вселенска станица (ИСС), наведуваат американските медиуми. Оваа програма ја осмислија астронаутот Бенџамин Алвин Дру и Патриша Трајб, поранешна раководителка за образование во Вселенскиот центар во Хјустон.

„Време за приказна од вселената“ функционира едноставно. Книгите се доставуваат до ИСС, каде што астронаутите се во разни мисии. Астронаутите се снимаат додека на глас читаат книга, а потоа видеоснимката се објавува на интернет-страницата на проектот и на нивниот јутјуб-канал.
Трајб дошла на идеја да ги поврзе вселената и читањето, откако ги истражувала писменоста и научните вештини на децата во САД. Одлучила да ги поврзе СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика) и писменоста на децата на достапен начин.

– Постои ли подобар пример, кој би можел да ги заинтересира децата за науката, од тој да се вклучат преку читањето? Не само што децата може да слушаат и да ги гледаат книгите, туку може и да го набљудуваат животот во Меѓународната вселенска станица – изјави Трајб за „Хафингтон пост“.
Се одбираат книги што може да се прочитаат за петнаесетина минути и кои вклучуваат некој концепт поврзан со СТЕМ, а најважно од сѐ е тие да бидат точни. Не сакаме да пренесуваме никакви дезинформации – изјави Трајб.