Научниците во Јапонија биле изненадени од количеството на астероидна прашина пронајдено во капсулата на јапонското вселенско летало „Хајабуса-2“, пренесува „Гардијан“. 

За време на нејзината шестгодишна мисија, јапонската сонда минатата година собра астероидна прашина и примероци од астероидот Рјугу, кој е оддалечен околу 300 милиони километри од Земјата.

Сондата месецов ја испрати капсулата со собраниот материјал, која слета во австралиска пустина пред да биде транспортирана во Јапонија. 

Припадници на јапонската вселенска агенција ЈАХА брзо пристигнале и забележале дека прашина од астероидот има и на самата површина на капсулата. 

– Кога ја отворивме капсулата останав без зборови. Имаше повеќе прашина отколку што очекувавме. Навистина бевме импресионирани. Одредени примероци се со големина од неколку милиметри – вели Хиротака Савада, научник од ЈАХА. 

Според очекувањата на научниците, примероците од површината, како и од внатрешноста на астероидот ќе фрлат нова светлина врз создавањето на Сончевиот систем и потеклото на животот на Земјата.

– Има многу примероци и се чини дека тие содржат многу органска материја. Се надевам дека ќе дознаеме повеќе за тоа како органските материи се развиле на матичното тело на Рјугу – рече Сеичиро Ватанабе, научник и професор на универзитетот „Нагоја“.

Половина од примероците на „Хајабуса-2“ ќе бидат поделени помеѓу ЈАХА, американската вселенска агенција НАСА и други меѓународни организации. Остатокот ќе се чува за идни студии кога ќе биде постигнат напредок во аналитичката технологија. Мисијата на вселенско летало продолжува, а негова цел сега се два други астероиди.