Држава: Италија
Покраина: Марке
Жители: 50.000

Асколи Пичено e град во центарот на истоимениот округ во италијанската покраина Марке, во близината на западниот брег на Јадранско Море. Градот се наоѓа во ридест крај, познат по лозјата, над кои кон запад се издигаат централните Апенини. Градот е сместен во долината на реката Тронто, на 150 метри надморска височина.
На оваа локација имало знаци за живот уште во праисторијата, а во периодот на Стар Рим Асколи била значајна населба меѓу Рим и јадранскиот брег.
Во текот на средниот век бил во состав на војводството Малатести, а потоа Асколи бил во рамките на папската држава. Градот особено се развил во периодот на ренесансата, а како завештание од тоа време останале многу цркви и зданија во старото јадро на градот, изградени од каменот травертин, кој потсетува на мермер.

Од него се направени вистински ремек-дела, палати, цркви, кули, поради што овој град се вбројува меѓу најубавите во Италија.
Некогаш Асколи Пичено имал 200 кули, што ги граделе благородниците, како симболи на престиж, поради што го нарекуваат и град на стотина кули. Повеќето од нив се уништени, а според историските документи во 1646 година останале уште 43, а сега ги има уште помалку.
Некои се цели, други се реставрираат, а некои се претворени во ѕвонарници на цркви.
Централниот дел на плоштадот е направен во ренесансен стил и посетува на „Свети Марко“ во Венеција, бидејќи изгледа како огромна сала, опкружена со значајни градби, меѓу кои е и апсидата на црквата „Свети Франческо“ од 13 век.

Остатоците на славното минато ги чуваат 11 музеи, каде што се зачувани артефакти за преработката на вино, свила, кожа и текстил во овој крај, како и за производството на музички инструменти, предмети од бакар, ковано железо, керамика и од слама.
По овој град го добила името и познатата маслинка асколина. Таа е долгнавеста, со мали коски, што лесно се вадат. Познат специјалитет од овој крај се похувани маслинки, полнети со фил од месо и зачини, извалкани во лебни трошки и похувани. Овој специјалитет се служи со домашно вино. Колачињата тука се прават од суви смокви, бадеми, ореви и друго кандирано овошје, а познат е и ликерот од зелен анис.
Силвио Милети во 1907 година отворил слаткарница на плоштадот и почнал да го служи овој ликер, што денес е познат на сите континенти. Со него се збогатени сите слатки, но и кафето во Асколи.