Главни ѕвезди на годинашниот „Д-фестивал“, кој ќе се одржи од 6 до 8 јули во Дојран, се членовите на групата „Архангел“.
Легендарната рок-група, која е присутна на македонската музичка сцена повеќе од три децении, ќе настапи на 7 јули, кога повеќеилјадната публика ќе може да ги слушне нивните антологиски хитови, кои веќе се дел од нашата музичка историја, а имаа влијание и на музичкиот живот во регионот.
Групата оформена во 1988 година од страна на Ристо Вртев, а во својата кариера има издадено четири албуми: „Архангел 1“ (1991), „Архангел 2“ (1993), „Heart Core“ (1998) и „Небесна машина“ (2003). Станува збор за едно од малкуте музички имиња чии песни се дел од младоста на неколку генерации.
„Д-фестивал“ е единствениот летен музички фестивал на отворено во Македонија, кој во својата тридневна музичка програма покрај концертот на групата „Архангел“ на главната бина, веќе ги потврди и настапите на голем број музички ѕвезди од светската, регионалната и од домашната сцена како што се: Пол ван Дајк, Севдализа, „Смат“, Дуке Бојаџиев, Горан Трајковски…