Додека многумина мислат дека апликациите се создадени само за помладите, постојат многу такви што се идеални и за постарата популација. Всушност, денес има многу постари лица што се екстремно добри во технологијата и секојдневно користат компјутери и мобилни уреди. Па, зошто да немаат и апликации што се создадени за нив?

Ваквите апликации опфаќаат области од здравствена заштита до забава. Тие се екстремно евтини, а многу од нив се и бесплатни. Ова се едни од најдобрите апликации и алатки наменети за постарите лица и за нивните негуватели, пишува „Лајвхег“.

Fall Detector
Оваа специјална апликација известува доколку постарата личност за која се грижите паднала. Ако открие долг временски период без никакво движење, Fall Detector испраќа звучен сигнал и со тоа ги предупредува корисниците.

Pillboxie
Постарите лица никогаш не би требало да заборават да ги земаат своите лекови со апликацијата Pillboxie, која ги потсетува кога е време за нивната терапија, а и многу е едноставна за употреба.

iBP Blood Pressure
За оваа апликација мора да имате посебен монитор, но таа е од големо значење за сите што имаат проблеми со крвниот притисок. Оваа апликација го следи и анализира крвниот притисок во текот на одреден временски период.

VizWiz
Наменета е за корисници на оперативниот систем иОС. Апликацијата, развиена од тим од Универзитетот во Рочестер, им дава можност на постарите лица усно да поставуваат прашања и да добијат што е можно повеќе одговори.

Систем за предупредување
Без разлика дали сте повозрасна личност што живее сама или имате постар познаник што живее сам, важно е да имате систем за предупредување во случај да ви треба итна медицинска помош. Најдобрите системи можете да ги побарате на интернет-страницата „Медикал алерт системс“.

WebMD
WebMD е интернет-страница каде што може да се најдат информации за сè што треба да знаете за вашето здравје. Страницата нуди многу здравствени совети, како и дневни мини-списанија.

Motion Doctor
Секој може да има повреда на која било возраст, а честопати за оздравување е потребна физикална терапија. Оваа апликација е одлична алатка за физикална терапија, каде што ќе најдете референтен водич за да ви помогне вам или на друго лице да закрепнете од повреда.

Dragon Dictation
Оваа апликација за препознавање глас може да претвори сè што ќе кажете во текст. Со неа никогаш повеќе не мора да пишувате пораки. Едноставно изговорете го она што го сакате и апликацијата ќе го напише за вас. Ова е добра апликација за оние што имаат артритис или други тешкотии при пишување.