Во Индија се прави нешто сосема спротивно од препораките на нутриционистите и лекарите кои вообичаено бараат воздржување од консумирање шеќер, објавува „Би-би-си“. Прекумерните резерви на шеќер ја поттикнале Индиската асоцијација за шеќер (ИСМА) да почне кампања за охрабрување на Индијците да консумираат повеќе од овој прехранбен производ. Здружението објавило дека сака да ги разбие митовите за шеќерот и неговите последици по здравјето на луѓето.

Индијците во просек јадат околу 19 килограми шеќер годишно, што е под светскиот просек. Индија е еден од најголемите потрошувачи на шеќер во светот.

Индиската шеќерна индустрија се очекува да забележи раст од 13 отсто годинава и да достигне производство 31 милион тони, но владата навести дека ова може да ги запре извозните субвенции кои служат за отстранување на вишокот.

На веб-страницата на Индиската асоцијација за шеќер истакната е пораката „јадете, пијте и бидете здрави: Малку шеќер нема да боли“.

Како дел од интернет-кампањата, се организираат и работилници каде што познати готвачи и советници за здрава исхрана дискутираат на темата здраво живеење. Постојат рецепти за слатки, како и предупредувања дека вештачките засладувачи не помагаат при слабеење и можат да доведат до последици по здравјето.

По повод покренувањето на страницата, индискиот секретар за храна Суданшу Падеј за локалните медиуми изјавил дека шеќерот „не заслужува таква репутација“

– Без научна основа, постојат различни митови за шеќерот и неговата употреба – рекол тој.

Оваа кампања има сосема поинаков пристап од кампањите во другите држави, кои главно се обидуваа да ги охрабрат граѓаните да јадат помалку шеќер. Разни здравствени проблеми, како што се дебелина и дијабетес, се поврзани со употреба на шеќер.

Светската здравствена организација е особено загрижена за „бесплатните шеќери“ кои производителите обично ги додаваат во храната и пијалоците, а кои ги има и во медот и овошните сокови.

Околу 50 милиони индиски земјоделци одгледуваат шеќерна трска, додека уште милион работат во фабрики за шеќер или за транспортот на шеќерната трска.

Владата на Индија превзела интервенционистички пристап, обезбедувајќи субвенции за извоз на индиски шеќер во странство, и покрај противењето на другите земји произведувачи на шеќер.

Сепак, постои и друг начин да се ослободување од вишокот шеќер, со претворање во етанол кој може да послужи како гориво. Индиската асоцијација за шеќер предвидува дека производството на етанол може да се зголеми од 1,9 милијарди литри годишно на три милијарди литри в година.