Верните гледачи на серијата „Сексот и градот“ наскоро ќе имаат можност да резервираат стан уреден во стилот на Кери Бредшо на платформата Ер-би-ен-би. Како дел од претстојното продолжение „И само така“, актерката Сара Џесика Паркер потпиша соработка со Ер-би-ен-би и „Ворнер Брос“. Имено, на обожавателите им се нуди ноќевање во апартман на Апер Ист Сајд во Њујорк. Само на 12 и 13 ноември гостите ќе можат да преноќат за 23 долари. Ова беше направено во чест на 23-годишнината од „Сексот и градот“.
Ликот на Кери Бредшо ми е многу драг и мило ми е што имам можност повторно да бидам дел од нејзиниот свет. Возбудена сум што нашата публика ќе ја доживее Кери во Њујорк како никогаш досега и ќе доживее како е да се оди во нејзините чевли, буквално – изјави Сара Џесика Паркер.
Во станот има голем број сувенири на главната хероина од серијата, а меѓу нив се лаптоп и стар телефон. Тука е и ѓерданот „кери“. Гостите ќе можат да ја носат нејзината облека, вклучувајќи го и здолништето од тул на Патриша Филд што Кери го носеше во воведната сцена.
Обожавателите можат да резервираат престој од понеделник, 8 ноември, од 12 часот, на интернет-страницата.