Популарната актерка и режисерка Анџелина Џоли ја игра главната улога во филмот „Тие што сакаат да сум мртов“ (Those Who Wish Me Dead), чија приказна е базирана на истоимениот роман на Мајкл Корита. Во овој вид модерен вестерн, таа ја игра Хана, професионална пожарникарка задолжена за заштита на шумите од пожари во американската држава Монтана.
Иако сè уште не закрепнала од смртта на трите лица, кои не успеала да ги спаси последниот пат кога била на должност, Хана добива шанса да се искупи кога ќе се сретне со трауматизирано 12-годишно дете, кое нема на кого да се потпре за помош. Имено, детето било сведок на брутално убиство и е подготвено да сведочи против сторителите, поради што тие ангажирале платени убијци за да го пронајдат и елиминираат.
Овој возбудлив трилер е во режија на Тејлор Шеридан, кој се прослави со своите сценарија за филмот „Сикарио“ и неговото продолжение, како и со модерниот вестерн „По секоја цена“ (Hell or High Water). Споредните улоги во филмот им беа доверени на Фин Литл, Николас Холт, Ејдан Гилен и Џон Бернтал. Филмот пристигнува во кината на 14 мај, но и на „Ејч-би-о макс“.