Холивудската глумица Анџелина Џоли, едно од своите најискрени интервјуа го даде неодамна за списанието „Вог“. Првпат прозборе за причините за брачниот крах со бившиот сопруг Вред Пит и за тоа како влијаел разводот на нејзините деца. Веста за разводот на една од најпознатите светски двојки во 2016 година одекна како бомба во медиумите.
– Се разведов заради доброто на своето семејство. Тоа беше вистинска одлука, а јас продолжувам да се фокусирам на моите деца. Некои одлучија да го искористат моето молчење, а децата секојдневно ги гледаат и ги читаат лагите што се пишуваат за нас во медиумите. Но јас се трудам постојано да ги потсетувам дека само тие ја знаат вистината – открива Анџелина во интервјуто за „Вог“.
Глумицата се осврнува и на воспитувањето на посвоените и на биолошките деца. Медокс, Пакс и Захра се посвоени, а Шајлох и близнаците Вивиен и Нокс се нејзини и деца на Бред Пит.

– Со своите посвоени деца не можам да зборувам за бременоста, но затоа можам да им кажувам детали за љубовта и за сѐ што минавме заедно. Можеме да зборуваме за целото мое патување за да ги пронајдам и за тоа како сум се чувствувала кога првпат сум ги погледнала во очи – вели Џоли.
Таа е позната и како голема хуманитарка. Нејзината прва мисија била во Сиера Леоне во последните години на граѓанската војна што траела од 1991 до 2002 година. Оттогаш патува во кризни подрачја, а беше и во Либан, за да се сретне со сириските деца бегалци, во ирачкиот Курдистан за да ги истакне потребите на 3,3 милиони раселени лица.

Во интервјуто се осврнува и на пандемијата на коронавирусот.
– Навистина сум загрижена за луѓето во Јемен. Пет години живееја во брутален судир, претрпеа напади, неселективно гранатирање, сексуално насилство и мачење. Половина од нивните болници се уништени, луѓето се на работ на глад и очај, а сега се соочуваат и со коронавирусот – истакна славната актерка.
Анџелина Џоли, исто така, во интервјуто за американски „Вог“ констатира дека светот е на почеток на социјална и економска криза и оти ќе бидат потребни големо трпение и помош сето тоа да се надмине.