Како млад Бандерас сонувал за фудбалска кариера, но повредата на ногата му го сменила текот на животот и станал еден од најпознатите светски глумци

Шпанскиот глумец Антонио Бандерас (57), кој се прослави во филмовите на Педро Алмодовар, а суперѕвезда стана снимајќи филмови во Холивуд, не го оствари својот детски сон. Тој бил син на полицаец и на учителка, имал талент за фудбал и мечтаел дека ќе игра во некој голем тим, но една повреда на ногата ставила крај на неговата спортска кариера. Бандерас е роден во Малага, во градот од каде што по завршувањето на основното се запишал во средно уметничко училиште.

На 19 години се преселил во Мадрид каде што почнал да глуми во Шпанскиот национален театар. Филмско деби имаше во „Лавиринт на страста“, филмот во кој Алмодовар му го претстави на светот младиот Антонио Бандерас. Девет години подоцна тој замина за Холивуд и во 1992 г. го сними „Мамбо-кралеви“. Во тој период, тој не зборувал англиски, па за време на снимањето имал слушалка во увото, на која го слушал целиот текст. Но благодарение на талентот, добриот изглед и акцентот за кој Американците велат дека е неодолив, филмовите продолжуваат да се нижат.

Бандерас ги снима и: „Куќа на чудни души“, „За љубовта и сенките“, „Интервју со вампирот“, „Десперадо“, „Атентатори“, „Маската на Зоро“, „Деца шпиони“, „Фрида“, „Беше еднаш во Мексико“… Во 2017 г. снимил дури седум филма, а телевизиската публика го гледаше во серијата „Гениј“, во продукција на „Нешенел џеографик“, каде што го толкува ликот на Пабло Пикасо. Интересно е дека и Антонио и Пикасо се родени во Малага. – Во градот секојдневно се зборуваше за Пикасо. Освен тоа ние живеевме во неговата близна, па секој ден кога одев на училиште очекував дека ќе ја сретнам оваа специјална личност. Подоцна, кога станав познат глумец добив неколку сценарија да го играм Пикасо, но ниедно не ме заинтересира.

Сѐ додека во Лондон не се сретнав со познатиот режисер Рен Хауард. Тој детално ми објасни што ќе правиме и како ќе се одвива снимањето на серијата за генијалниот Пикасо. Но и самиот збор „гениј“ во насловот беше обврска за мене. Не може секој да биде генијален, колку и да е успешен во она што го прави. Бев пресреќен што добив шанса да го остварам својот уметнички сон – изјави Бандерас.

Тој студиозно почнал да се подготвува за оваа улога, проучувал сѐ што било напишано, снимено, кажано за Пикасо. – Сакав на вистински начин да го прикажам Пикасо, со сите негови особини, па и слабости. На пример, во некои неочекувани ситуации овој генијален уметник како да немал смелост нешто да каже или да направи, како да не сакал или не знаел да живее во реалниот свет. Тој верувал дека вистинската уметност се крие во човековата потсвест.

Затоа сѐ до смртта, на своите платна сликал жени што го разбирале и инспирирале. Да се биде голем уметник е многу болно, а мислам дека и самиот Пикасо бил жртва на својата генијалност и искреност – изјави Бандерас за големиот сликар. Антонио, освен што е одличен глумец, тој е и успешен деловен човек што лансираше серија парфеми со неговото име и косопственик е на винарница во Шпанија.

Осум години бил во брак со Ана Леси, а на снимањето на филмот „Двајца прекубројни“, ја запознава глумицата Мелани Грифит. Иако имале причини да бидат среќен пар, Бандерас не го поднесувал тоа што Мелани пиела, се дрогирала и што станала зависничка од естетски операции. По разводот од неа се оженил за 20 години помладата Холанѓанка Никол Кимпел, која е експертка за инвестиции.