При крај се работите на подводниот уметнички парк „Ликија-Кас“ во Анталија, каде што ќе бидат изложени копии од историски артефакти од цивилизацијата Ликија, кои биле шверцувани од регионот. Во рамките на проектот, реализиран во соработка со Канцеларијата на гувернерот на округот Кас, Општина Кас и Агенцијата за развој на Западен Медитеран, историските артефакти утврдени со научни истражувања се изработени од материјали отпорни на вода. Вкупно 658 изгубени и заборавени ликиски артефакти биле внимателно спуштени во вода од нуркачите, кои ќе им бидат претставени на посетителите во уметничкиот парк на површина од околу 10 хектари. Спуштањето на делата во водата траело околу 30 часа.
Гувернерот на округот Кас Шабан, Арда Јазиџи, и началникот на Кас, Мутлу Улуташ, облечени во нуркачки костими ги следат активностите што ги спроведуваат нуркачите при поставувањето на музејските поставки.
Јазиџи изјави за „Анадолија“ дека артефактите што треба да се потопат се инспирирани од ликиската митологија и се избрани од изгубеното наследство шверцувано од регионот.

Тој нагласи дека проектот се грижи за екосистемот и дека научниците што работеле на оваа поставка при производството на артефактите користеле материјали што не предизвикуваат загадување на морскиот свет. Целта на проектот е да се зголеми бројот на нуркања од 80.000 на 300.000 годишно и да се прошират туристичките активности.
– Намерата е да се создаде област каде што посетителите што доаѓаат во регионот со туристички бродови можат да го набљудуваат паркот без нуркање. Артефактите поставени во регионот Лиманази ќе им понудат на посетителите пријатно набљудување на длабочина од пет до 20 метри – додаде Јазиџи.
Меѓу делата што ќе бидат изложени под вода се столбовите на улицата во градот Патара, Посејдон и неговите коњи, Химерата и легендата за Беларофорон и споменикот на Ербина во античкиот град Ксантос.