Археолозите во гробниците во Египет пронашле вистинска менажерија на најразновидни животни мумифицирани заедно со фараоните. Хиераконполис на старогрчки значи „јастребов град“, а денес се нарекува Ком ел Ахмар. Археолошкиот локалитет е откриен во 1898 година, кога биле извршени првите археолошки ископувања и било утврдено дека тој бил верски и политички центар на Египет пред династичкиот период. Помеѓу 3200 и 2686 година пр. н.е. имал околу 10.000 жители и бил еден од најголемите градови во тоа време. Последователните испитувања покажале дека првите жители на Хиераконполис биле припадници на бадарската култура, една од најстарите земјоделски заедници во централен и горен Египет.
Од 2001 година, тимот експерти за ископувања го води д-р Рене Фридман, египтолог од универзитетот „Беркли“ во Калифорнија. Таа во Хиераконполис пронашла докази за постоење на првата зоолошка градина во светот!
– Мајкл Хофман и јас се вративме да го проучиме местото малку подобро и откривме гробишта, но не само што најдовме човечки гробници, туку и многу чудни животни во нив, за што ни требаше многу време да откриеме што се. Најмалку очекувате да најдете седум бабуни, дива мачка и нилски коњ закопани во гробот со луѓе. Со текот на времето, наоѓавме сѐ повеќе и повеќе животни. Секојпат кога ќе откриевме човечки гроб, откривавме сѐ повеќе и повеќе чудни животни – изјави Рене Фридман.

Меѓу пронајдените животни имало и слонови, крокодили, леопарди, лавови и африкански антилопи, а испитувањата на нивните остатоци покажале дека животните биле чувани во заробеништво, но и дека биле под грижа на луѓето, бидејќи биле лекувани од повредите што ги имале.
Според археолозите, фаќањето, грижата за нив и прикажувањето егзотични животни било манифестација на моќта на Античките Египќани. Убивањето животни било лесно, но било многу потешко да се донесат живи, на пример слоновите, нилските коњи, лавовите, леопардите и крокодилите, сите тие биле симболи на моќта и sверови од кои луѓето се плашеле, па затоа нивното фаќање значело воспоставување контрола над нив.

Ричард Рединг, археолог од музејот „Келси“ на Универзитетот во Мичиген, кој исто така проучувал коски ископани во Египет, смета дека особено големите животни, како што се слоновите и нилските коњи, биле знак на конкуренција во моќта на владетелите и дека нивното држење значело дека тие успеале да надвладеат и да управуваат со застрашувачките сили на природата.