Иако домот треба да биде место каде што ќе се чувствуваме најудобно и побезбедно, поради изолацијата и физичката дистанца, останувањето во четири sида може да предизвика анксиозност и немир. Податоците на американското здружение за вознемиреност и депресија велат дека анксиозните нарушувања влијаат на околу 40 милиони луѓе, а тоа е скоро секоја петта личност во САД. Како што се наведува, анксиозноста ги погодува повеќе жените отколку мажите, но и децата.
Терапевтот Вилијам Шредер вели дека вознемиреност кај луѓето може да предизвикуваат различни работи и дека таквата состојба може да доведе до благ напад на паника.

Причината за депресија и стрес може да биде сè што ве потсетува на поранешен емотивен партнер (облека или други работи) без притоа дури и да бидете свесни за тоа. Ако таквите сеќавања евоцираат повеќе негативни од позитивни емоции, би било добра идеја да се ослободите од нив.

Исто така, има луѓе што не можат да поднесат неред во домот, така што е доволно да видат куп документи на масата и да се изнервираат. Луѓето што се чувствителни на бучава и кои веќе имаат симптоми на анксиозност, состојбата можат да им ја влошат известувањата на мобилните телефони, а решението за тоа е да се исклучи звукот или да се избришат апликациите. Некои луѓе може да почувствуваат големо незадоволство и кога го гледаат животот на другите луѓе преку социјалните мрежи, пренесува „Новости“.

Шредер советува редовна пауза од социјалните мрежи, потсетувајќи дека луѓето имаат тенденција да го објавуваат само она што е убаво, па честопати недостига вистинската слика за нив.