Во пресрет на локалните избори, а во рамките на своите редовни и тековни истражувачки активности, Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност (ИНАКУ) од Скопје, спроведе анонимна анкета со 1.220 испитаници. Темата на анкетата беше „Културните потреби и културната потрошувачка во локалните средини“, а целта е да се согледаат различните димензии на културните потреби и различните нивоа на културната потрошувачка на територијата на Македонија.
– Од анкетата произлезе заклучокот дека културата, за жал, не е секогаш во центарот на вниманието и на неопходното ниво. Културните потреби, како и нивното задоволување можат да бидат подобри, а на тој начин, ќе се постигне долгорочен и одржлив културен развој, со стимулација и поддршка и на независната култура и современите нови медиуми и уметнички и културни придобивки. Културата и уметноста се подложни на постојани искушенија и предизвици, падови и растежи и, според испитаниците, евидентни се дисконтинуитетот и кампањското работење и однесување. Граѓаните очекуваат по локалните избори, во сите локални средини културата и уметноста да бидат повеќе застапени и издигнати на повисоко културно и уметничко рамниште, со цел населението да консумира поквалитетни, поразновидни и посодржајни духовни, културни и уметнички вредности и содржини – информираат од ИНАКУ.