Поимот поп-музика може да се однесува на нешто што е популарно, но означува и жанр. Се користи како одредница за музичките содржини што ги дефинираме како лесни ноти или забавна музика, општоприфатена и популарна. Самиот израз поп е изведен од латинскиот збор популус (народ), па во своето изворно значење поп-музиката е народна, фолк-музика – творба на непознат, дамнешен автор, која со традиција од уста на уста, од колено на колено, се пренесува до денешни денови и современиот слушател може да ја слуша и да ужива во нејзината убавина. Во историјата можеби нема подобар пример за соединување на овие навидум спротивставени значења на еден ист израз, каков што е случајот со песната „House of the Rising Sun“.

Тоа е рок, ритам и блуз-бенд од Велика Британија. Формиран е во раните 1960-ти години и е познат по својот тврд блуз-звук и харизматичниот лидер Ерик Бардон. Исто така тие беа значаен дел од британската музичка инвазија на САД. Првата, оригинална и најдобра постава на бендот ја сочинуваат Ерик Бардон, вокал, Ален Прајс, клавијатури, Брајан Чес Чендлер, бас-гитара, Хилтот Валентин, гитара и Џон Стил, удиралки. Се прославија свирејќи блуз, блуз-рок, рок и психоделичен рок.

Кариерата ја започнале како „Алан прајс комбо“, бенд што тинејџерите во Њукасл ги забавувал со ритам и блуз-нумери, блуз-стандарди од САД, во своја преработка и изведба. Оваа музика тие ја изведувале енергично, бучно, со изразени ритам-гитари и пеење до ниво на дерење. Поради нивното диво однесување на сцената обожавателите ги нарекле „Анималс“. Во март 1964 година го снимиле првиот сингл „Baby Let Me Take You Home“, а за другото (нивната светска слава) се погрижил Ерик Бардон, кој покрај вокал, бил текстописец, композитор, продуцент и лидер на бендот.

Истата година ја снимаат „House of the Rising Sun“, настапуваат во популарното шоу на Ед Саливен и ја реализираат нивната прва турнеја по САД. Од 1965 г. почнуваат проблемите во групата, кога Ален Прајс ги напушти, поради несогласување со музичкиот правец во кој се движи бендот. На негово место најпрвин дојде Мик Галагер за кратко, кој подоцна беше заменет со Дејв Руберим, со кого ги снимија хитовите „We Gotta out of This Place“ и „It’s my Life“. Во овој период бендот обработи познати блуз-стандарди, како „Bring It On Home To Me“ од Сем Кук, „Don’t Let Me Be Missundrstood“ од Нина Симон, „Boom, Boom“ од Џон Ли Хукер, „I Belive to My Soul“ од Реј Чарлс, и сите станаа големи хитови. Во 1967 г. „Анималс“ и Ерик Бардон ја снимија нумерата „When I Was Young“, со која постигнаа голем успех во САД, Европа, Австралија и во Нов Зеланд. Бардон ја изведуваше и по распадот на оригиналната постава на бендот, од 1980-тите па до денес, и на крајот на секој концерт по нејзиното изведување набројуваше долга листа на колеги што ги изгуби, кои заминаа на оној свет поради консумирање алкохол, дрога или поради живеење развратнички живот. И, секако, сите како по правило беа млади.

Интересна е приказната (напред започната) за песната „House of the Rising Sun“ што почнува уште во 17 век, во времето на кралот Џејмс, кога настанала мрачна мелодија со злокобен текст од една проститутка, која со неа си ја оплакувала тажната судбина.Во Њу Орлеанс на улицата Сент Луис, од бројот 826 до 830 се наоѓале јавни куќи со кои од 1862 до 1874 г. управувала дамата Мериен Ле Солеил Левант.

Нејзиното име од француски се преведувало како сонце што изгрева, така и рекреативно-забавната индустрија во таа улица добила соодветен назив. Ерик Бардон ја слушнал верзијата на Нина Симон, која толку го допрела што се расплакал. Се охрабрил, ја обработил, така што наместо блудница, во неговата верзија главен лик е коцкар, кој на коцка губи сѐ. Веднаш била прифатена од обожавателите на „Анималс“ и се искачила на прво место на топ-листите во САД и во Велика Британија. Поради оваа песна Боб Дилан одлучил да направи музички пресврт од фолк кон рокенрол, кој само една година подоцна ќе ја преформатира музичката иднина. А Ерик Барден светот до ден-денес го слави како музички визионер и генијалец најзаслужен за славата на „Анималс“. Корпулентниот басист Брајан Чес Чендлер, меѓу другото е познат и по тоа што во клубот „Кафе Ва“ во Њујорк го пронашол црномурестиот гитарист Џими Хендрикс, ја продал гитарата, му купил авиобилет за Лондон, каде што Хендрикс првпат ќе се претстави на музичката сцена надвор од САД, ќе предизвика внимание со своето виртуозно свирење на гитара, а Чес Чендлер ќе му биде менаџер. Другото е историја.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)