Иако првите луѓе на фестивалот „Егзит“ неодамна објавија дека годинава тој нема да се одржи во својот стандарден формат и термин, премиерката на Србија Ана Брнабиќ ги замоли организаторите да не го откажуваат фестивалот. Таа изјави дека препорака на Кризниот штаб е да се одложи за август, имајќи го предвид драстичното подобрување на здравствената ситуација во Србија, но и во целиот регион и во повеќето земји во Европа.
– Донесовме препорака „Егзит“ да се помести за август бидејќи очекуваме дека дотогаш ќе биде целосно смирена ситуацијата во цела Европа – изјави српската премиерка пред новинарите, додавајќи дека препораката е фестивалот да се одложи, а не да се откаже.

Од тимот на „Егзит“ ја поздравија можноста во август да се одржат не само фестивалот туку и другите манифестации во Србија. Од тимот напоменуваат дека се подготвени и на промена на форматот на фестивалот:
– Ако биде потребно, ние сме подготвени драстично да го намалиме капацитетот на фестивалот, како и да ги ограничиме посетителите само на домашна и регионална публика – изјавија организаторите.

Оваа вест ја прокоментираа и регионалните експерти во индустријата, меѓу кои Аднан Мехмедовиќ, признаен хрватски промотор и коосновач на фестивалот „Фреш ајланд“.
– Ова е спектакуларна вест не само за регионот туку за целата светска фестивалска индустрија, чие закрепнување почнува со „Егзит“. Се надевам дека и другите земји од регионот ќе ја препознаат можноста за што поскоро да закрепне фестивалскиот туризам по кој сме препознатливи низ светот – посочи Мехмедовиќ.