Милионерот и трговец со уменички дела, Форест Фен (87), тврди дека околу 350 илјади луѓе досега, безуспешно се обиделе да го пронајдат богатството кое тој го закопал во Карпестите Планини во САД, во 2010 година. Потрагата повторно е засилена, откако телевизијата Си-ен-би-си сними документарен филм за невообичаената приказна. Според Фен, богатството е закопано некаде помеѓу Санта Фе, во Ново Мексико, и канадската граница, што претставува површина од околу 1.600 километри.

 – Никој не знае каде се наоѓа богатството, освен мене. Ако умрам утре, информациите за локацијата ќе заминат заедно со мене. Богатството може да биде пронајдено наскоро, но и за илјада години отсега – вели богатиот Американец, кој додава дека ниту неговата сопруга не знае каде се наоѓа богатството.

Фен, сепак, понуди една значајна трага за оние што ја бараат вредната награда, објавувајќи шифрирана поема од 24 стихови, во неговите мемоари насловени „Возбудата на потрагата“. Тој ја објави поемата и на „Инстаграм“.

– Почнете каде што водите запираат, продолжете во кањонот долу, не предалеку, но предалку за пешачење – гласи извадок од поемата.

Милионерот ги советува сите што трагаат, да ја читаат поемата и да ги проучуваат мапите на Карпестите Планини, односно да ги поврзат тие информации.

Станува збор за ковчег со богатство, кој тежи околу 18 килограми, а кој наводно содржи рубини, смарагди, златни монети и дијаманти. Фен го наполнил ковчегот кога открил дека боледува од рак во 1988 година, со намера да го однесе во планините, но го оставил во својот личен сеф откако ја преживеал болеста, за потоа да реши да го сокрие.

Бројни трагачи по богатство се обидуваат да ја решат мистеријата, а се верува дека барем четири лица настрадале во потрага по богатството. Фен им кажа на медиумите дека добивал и закани, а во повеќе наврати имало и непосакувани посетители во неговиот дом. Тој сега добива 50 пораки преку електронска пошта на секој час, со најразлични прашања поврзани со богатството.

– Ковчегот не е под вода, ниту е во близина на реката Рио Гранде. Не мора да значи дека треба да поместувате големи карпи, ниту да се искачувате по стрмен терен за да го најдете. Ве молам, имајте на ум, оти имав 80 години кога го криев богатството. Потрагата треба да биде забавна – вели Фен.

Тој порачува дека негова првобитна цел при криењето на богатството била да ги охрабри американските семејства да учествуваат заедно во потрагата и да се забавуваат.