Осомничениот користел воден скутер при обидот за бегство

Oсомничен американски измамник докажал дека не е Џејмс Бонд, иако неговиот обид за бегство бил достоен за подвиг од романите на Јан Флеминг, пренесуваат светските медиуми.

Метју Пирси од Калифорнија обвинет за финансиски измами во понеделникот наутро за кратко ја избегнал правдата кога ФБИ се обиде да го уапси.

Пирси прво избегал со автомобил, а потоа со помош на воден скутер се скрил од агентите под вода на леденото езеро Шаста. Агентите забележале дека тој е под вода набљудувајќи ги околу 25 минути меурите воздух кои излегувале на површината, пред осомничениот да се појави, по што му ставиле лисици.

Тој е обвинет за спроведување на т.н. „пирамидална шема“ во вредност од 35 милиони долари во локалната црковна заедница.

Водените скутери познати и како нуркачки погонски возила, се подводни уреди што можат да повлечат лице под вода со опрема за нуркање. Тие биле користени за подводна борба во четвртиот филм за Џејмс Бонд „Операција гром“ од 1965 година, а употребувани се и од армиите ширум светот.

Официјални лица изјавија дека Пирси, при обидот за негово апсење, избегал со автомобил. А потоа го виделе како скока во езерото Шаста во близина на градот Ридинг со чудна направа во рацете. Полицијата подоцна открила дека тој користел модел „јамаха 350 ли“, кој може да достигне брзина од 6,5 километри на час, а може да оди до 30 метри под вода.

– Никогаш не знаете што мисли некој кога ФБИ го бара – рекол адвокатот Џош Конс, кој застапува неколку жртви на измамата.

Откако се појавил, Пирси бил прегледан од полициските лекари за хипотермија по што му дале сува облека.

Според истражителите Пирси и неговиот деловен партнер, 67-годишниот Кенет Винтон, користеле средства инвестирани од богати клиенти во нивните компании за да ги покријат личните трошоци, и дека им останале малку ликвидни средства за враќање на клиентите.

Пирси меѓудругото е обвинет за телекомуникациска измама преку електронска пошта и за перење пари, со што му се заканува казна затвор од 20 години.