Американските власти се откажаа од идејата да ги понудат првите вакцини против ковид-19 на оние што настапуваат како Дедо Мраз, а со тоа да помогнат во промовирање на вакцинацијата, пренесува Би-би-си.

Според првичните планови, оние што се однесувале како придружнички-жени на Дедо Мраз и џуџињата, исто така, требало да бидат меѓу првите што би ја примиле вакцината. Оваа празнична соработка е замислена како дел од кампањата што ќе ги обедини познатите личности да ја приближат вакцината до пошироката јавност откако ќе биде одобрена.

Сега е донесена одлука да се стави крај на кампањата.

Рик Ервин, претседател на непрофитна американска организација чии членови се актери што настапуваат како Дедо Мраз и го промовираат неговиот позитивен имиџ, вели дека оваа вест е разочарувачка.

– Ова беше нашата најголема надеж за Божиќ 2020 година и се чини дека нема ништо лошо во тоа – изјавил Ервин за „Волстрит журнал“, кој прв ја објави оваа вест.

Министерството за здравство на САД потврди дека постои план за кампања за вакцинирање на Дедо Мраз, објавил „Њујорк Тајмс“.

Идејата потекнува од Мајкл Капуто, поранешен помошник секретар за здравство. Капуто минатиот месец објавил дека ќе биде отсутен од работа, непосредно откако на својот Фејсбук профил објавил видео во кое ги обвинува владините научници за учество во „бунтот“ против претседателот Доналд Трамп.

Според „Волстрит журнал“, Капуто му рекол на Ервин во август дека вакцината ќе биде одобрена до средината на ноември и најпрво ќе им биде понудена на оние што се најмногу изложени на вирусот, пред се здравствените работници, полицајци и војници.

– Ако вие и вашите колеги не сте во таа група, не знам кои се тие – рече Капуто на снимката од телефонскиот разговор објавена од „Волстрит журнал“.

Портпарол на Министерството за здравство за „Њујорк Тајмс“ изјавил дека Алек Азар секретарот за здравство, не знае дека кампањата е откажана.