На Американецот Весли Барнс му се заканува казна затвор до две години во Тајланд затоа што објавил негативни критики за хотелот во кој престојувал. Одморалиштето „Си вју ризорт“ го тужело Барнс за клевета според строгите закони на оваа земја, пренесува Би-би-си.

Весли Барнс, кој работи во Тајланд, објавил неколку негативни критики на повеќе веб-страници, наводно, обвинувајќи го одморалиштето за „модерно ропство“.

Според „Си вју ризорт“ острата критика од поранешниот гостин не е вистинита и го нарушува угледот на хотелот.

Сопственикот на „Си вју ресорт“ поднел тужба во која се наведува дека обвинетиот објавил неоснована критика за неговиот хотел на веб-страницата на „Трип Адвајзор“, се вели во соопштението на тајландската полицијата за новинската агенција „Франс прес“.

Сè започнало на почеток на годинава со инцидент во хотел на островот Кох Чанг, во сопственост на одморалиштето „Си вју ризорт“ кога Барнс сакал да донесе свое шише со алкохол на вечера во ресторанот, што предизвикало расправија.

Во соопштението од хотелот се вели дека тоа „предизвикало расправија“ и дека тој одбивал да ја плати за услугата за сервирање на донесениот пијалок, од што хотелот се откажал по интервенцијата на менаџерот.

По заминувањето, откако Барнс објавил неколку негативни критики, хотелот го тужел за клевета. Барнс потоа бил приведен и поминал две ноќи во затвор по што бил ослободен со кауција.

Доколку биде прогласен виновен за кршење на строгите закони против клевета во Тајланд, може да добие затворска казна до две години.

Барнс во изјавата за Би-би-си тврди дека критиката никогаш не бил објавена бидејќи со тоа би ги прекршил правилата на веб-страница „Трип Адвајзор“. Тој исто така рекол дека веќе ја изгубил работата поради инцидентот и изразил загриженост дека публицитетот што го добил неговиот случај ќе му ги отежне можностите за наоѓањето нова работа. Барнс ќе треба да се појави на суд на почетокот на октомври. Тој за Би-би-си објаснил дека се плаши од одење во затвор, со оглед на тоа што деновите поминати во притвор биле многу „застрашувачки“ и дека сè уште се надева оти ќе го реши случајот директно со хотелот.

– Одлучивме да поднесеме тужба како начин да спречиме понатамошни објавувања на критики, бидејќи сфативме дека тој ќе може да продолжи да го прави тоа – изјавиле од хотелот за Би-би-си, објаснувајќи дека се обиделе да контактираат со поранешниот гостин пред поднесувањето тужба за клевета.

Хотелот исто така признава дека „употребата на законот за клевета во оваа ситуација може да се смета за прекумерна мерка“, но дека гостинот ги игнорирал сите нивни обиди да стапат во контакт со него „и наместо тоа, продолжил да објавува негативни и невистинити критики“.

Туристичкиот сектор во Тајланд е сериозно погоден од последиците од пандемијата.