Технолошкиот гигант „Амазон“ ѝ забрани на полицијата да го користи нивниот софтвер за препознавање лица за една година. Станува збор за систем што беше критикуван дека погрешно ги идентификува луѓето со потемна боја на кожата.

Активисти за човекови права и вработени во „Амазон“ извршиле притисок врз раководството на компанијата да престане да им ја продава својата технологија за препознавање на лицата „Рекогнишн“ на владините агенции, бидејќи може да се злоупотреби за нарушување на приватноста на луѓето и за целење на малцинствата, пишува „Би-би-си“.

– Ние се залагаме за тоа дека владите треба да донесат посилни регулативи со кои ќе управуваат, а тоа првенствено се однесува на етичката употреба на технологијата за препознавање лица. Во последните денови се чини дека конгресот е подготвен да го прифати овој предизвик. Се надеваме дека овој едногодишен мораториум ќе биде доволен за да се спроведат соодветните правила и ние сме подготвени доколку тоа се бара од нас – се наведува во соопштението на „Амазон“.

Како и другите програми за препознавање лица, „Рекогнишн“ на „Амазон“ може со помош на вештачка интелигенција многу брзо слика од телефонска камера да спореди со базата на податоци на полицијата, која може да содржи стотици илјади фотографии. Технологијата за препознавање лица неодамна е критикувана неколкупати за потенцијална злоупотреба на полицијата, а одделни студии покажаа дека повеќето алгоритми имаат поголема шанса погрешно да ги идентификуваат лицата на Афроамериканците и другите малцинства.

„Амазон“ во минатото ја бранеше програмата „Рекогнишн“ од наводите за злоупотреба, но смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд предизвика дополнителна загриженост во врска со полициската тактика и употребата на таа технологија за спроведување на законот, која сега е под интензивен надзор.