Организаторите на натпреварот за песна на Евровизија размислуваат за алтернативно шоу, откако годинашниот настан беше откажан поради коронавирусот.

Иако форматот допрва треба да се одлучи, се истакнува дека програмата нема да биде од натпреварувачки карактер. Натпреварувањето ќе ги претстави песните и изведувачите што требаше да бидат дел од шоуто во мај.

Имајќи го тоа предвид, велат организаторите, годинашните песни нема да имаат право да се натпреваруваат.

Одлуката за организирање на алтернативен настан се случи само 48 часа откако Евровизија беше откажанана, а поттикната е од многубројните реакции на обожавателите.

– Вредностите на универзалноста и инклузивноста на натпреварот и нашата горда традиција да славиме разновидност преку музика, сега се потребни повеќе од кога било -додаваат организаторите.

Тие додаваат дека се надеваат дека алтернативната програма „ќе помогне да се обединат и да се забавуваат уметниците ширум Европа во ова тешко време“.

– Бараме ваша трпеливост додека работиме на идеи во наредните денови и недели – се заклучува во изјавата.

Ова е првпат Евровизија да не се одржи откако се емитувала во 1956 година.

На натпреварот во 2020 година, учесниците од 41 земја требаше да се соберат со 16.000 обожаватели во Ротердамската Ахоја Арена за да се натпреваруваат.

Но, откако холандската влада забрани големи јавни собири, Европската унија за радиодифузија го откажа настанот за заштита на „здравјето на уметниците, вработените, фановите и посетителите“.

Извршниот супервизор на настанот, Jон Ола Санд, додава: „Ние сме многу горди на натпреварот за песна на Евровизија, што веќе 64 години ги обединува луѓето ширум Европа“.

„Многу жалиме за оваа состојба“, додаде тој, но вети дека настанот ќе се врати „посилен од кога било“ следната година, по можност во Холандија, која победи на натпреварот во 2019 година.