Првиот во низата концерти на 19-от „Оффест“, кој годинава ќе се одржи во ноември, е настапот на фасцинантната каталонска пејачка Силвија Перез Круз. Таа, на 3 ноември во Македонската филхармонија во Скопје, ќе го претстави својот најнов проект „Фарса“ во кој на волшебен начин ги комбинира музиката, театарот, филмот, танцот, сликарството, фотографијата и поезијата.
Силвија Перез Круз, еднакво позната во џез, фадо и во фламенко-круговите, со текот на годините прерасна во исклучителен музички раскажувач. Растела во музичко семејство, изучувајќи џез-пеење, пијано и саксофон. За време на студиите во Барселона, заедно со три пријателки, ја формира фламенко-групата „Лас Мигас“, која добива сериозно внимание и огромна популарност низ цела Шпанија. Нејзината соло-кариера, пак, започнува на 27-годишна возраст, компонирајќи своја музика и развивајќи индивидуален стилски израз. Зад себе има шест албуми, од кои два станаа „златни“. Во исто време, редовно пишува музика за филм, театар и танцова продукција, за што има добиено голем број награди. Нејзиниот нов проект „Фарса“ е составен од песни што таа ги напиша во соработка со други уметници и уметнички дисциплини: театар, филм, танц, сликарство, фотографија и поезија.