Канадската армија истражува мистериозен звук што доаѓа од морето во регион на Арктикот и последните месеци ги плаши животните, соопштија канадските власти.

Воените летала извршија неколку мултисензорски пребарувања во тоа подрачје, но за сега не може да се објасне причината за појавата, која ја нарекоа „акустична аномалија“.

– Нашите авиони не открија никаков контакт на површината или под неа. Единствено што е видено во тоа подрачје се два јата китови и шест моржови, соопшти канадската армија.

Минатото лето звукот се слушаше во мореузот Фури енд Хекла, а беше опишан како „бип“ или „шум“. Тоа е едно од најголемите ловни подрачја во текот на летото и зимата, бидејќи морето е опкружено со мраз и е богато со морски цицачи. Но, годинава во тоа подрачје не се забележани морски цицачи.