Албумот „Незаборавни“ ме потсети дека не смеам да заборавам која сум јас. Токму затоа и емоциите, искрената среќа и енергијата се опипливи и кога се слушаат песните, вели Биба Додева

Биба Додева, пејачка и хуманитарка

По подолго време, Биба Додева им го подари на љубителите на музиката албумот „Незаборавни“, своевидна антологија на македонската забавна музика, каде што во нејзина интерпретација слушаме десетина големи македонски евергрини, создадени во периодот од 1962 до 2002 година. Новиот материјал таа го претстави неодамна, во екот на пандемијата на коронавирусот, со што барем за миг ја разбранува подзаспаната македонска естрада, нѐ потсети дека сме живи и дека ако нешто се прави со љубов и голема желба, секогаш е вистинско време за негово промовирање.

Која беше вашата прва помисла кога по часови работа, договори, снимање, албумот „Незаборавни“ конечно се најде во вашите раце?
– Дизајнот беше одличен, токму онаков каков што го замислувавме, срцето ми чукаше забрзано додека го отворав цедето и го ставав во мојот автомобил за да слушнам како звучи. И не ми го прочита првото цеде. Ставив второ, и тоа не го читаше, трето, залудно…Умрев, којзнае по кој пат. Испаничена се јавив кај издавачот да прашам што се случува со моето цеде, мојот нов албум, моите емоции послани во песните. Проектот што го работевме со Владимир Дојчиновски-Дојчин неуморно, толку месеци, не прозвучи, ништо, штама. На крајот сфатив: „Биљано, твојот цеде-плеер чита само МП3“. Потоа ми направија неколку копии МП3 за мене, а јас сега сум на ум да го менувам автомобилот.

Чија беше идејата за една ваква концепција на вашиот нов албум и како ги избравте песните?
– Дојчин е „виновен“ за сѐ. Прво, ме извлече од мојата комфорна зона на „неправење музика“ како последица на тоа што бев тажна со месеци, поради голем број работи што ми се случуваа во мојот приватен живот. Еден ден, како секој добар другар, ме однесе во кафеана и ми рече дека е време да направиме нешто, дури и нешто старо-ново, односно песните што ми се допаѓале, кои сме ги свиреле некогаш на настапите, кои ми значат, да ги донесам во едно ново руво. На „Незаборавни“ не останува никој рамнодушен.

Албумот, освен по одличниот избор, плени и со новиот звук на песните, соодветен на времето во кое е снимен. Но исто така летаат искри од позитивната енергија, која е всушност негова амбалажа…
-„Незаборавни“ ме потсети дека не смеам да заборавам која сум јас. Токму затоа и емоциите, искрената среќа и енергијата се опипливи и кога се слушаат песните. Да се направи аранжман на песни што се од различни временски декади, да звучат синхронизирано, акустично, како еден проект што исто дише, да обединиш во време на корона еден куп музичари и од Македонија и од Грција и Словенија да свират со таква страст и енергија и од тоа да направиш магија наречена „Незаборавни“ може само Дојчин.

Долг период не се дружевте со микрофонот, зошто толку долго чекавте да ѝ се вратите на првата љубов – музиката?
– Првата љубов секогаш е до мене и со мене, јас без музика не можам. Мене животот ми е музика и секогаш е присутна, некогаш јавно, а некогаш само јас ја слушам. Никогаш не сум престанала да другарувам со неа, иако еден подолг период бев доста ангажирана да ја поставам на нозе „Борка“.

Вашиот глас во секоја песна звучи поинаку, како да си поигрувате со него и постојано како да ја поместувате границата на вашите фантастични гласовни можности…
– За гласот и за тоа како ми звучи ми спомнаа повеќе луѓе и рекоа дека им звучел позрело, комплетно, и со секоја нова композиција точно ја доловува и ја следи емоцијата, па и затоа можам да си поигрувам со него. Мислам дека сето ова е одлика на искуството и годините, но и на пеењето од срце.

Вашето враќање се случи лани на „Охридфест“, каде што победивте со песната „Како некогаш“, а ве слушнавме и на годинашниот „Макфест“, каде што ја испеавте извонредната „Птица“.
– Преработката на „Скопје“ всушност значеше враќање на сцената. Оттогаш досега во полна пареа работевме со Дојчин и овие две песни затоа се ставени како бонус-траки на албумот.

И покрај пандемијата на коронавирусот, планирате ли наскоро да ни подарите една вечер за паметење, во која ќе уживаме, па макар и во скафандери?
– Ќе има концерт. Да сме сите живи и здрави, се надевам ќе излеземе наскоро од ситуацијава со пандемијата, оние себичните што не почитуваат мерки ќе се сетат дека не се сами на овој свет и треба да внимаваат на другите и сите заедно ќе се потрудиме да си направиме ново нормално.

Од кого имате најголема поддршка, чија критика и мислење најмногу ви значат?
– Јас сум толку многу самокритична, што не знам кој повеќе би ме критикувал. Поддршка најмногу имам од ќерка ми, татко ми, бато и дада, Цеце, Мија, Вале и Ана. Тоа е мојата прва борбена линија на љубов и нивното мислење и критика ме засегаат.

Дали вашиот хуманитарен ангажман и сѐ што правите на тој план ве прават подобра, покомплетна и пореализирана личност?
– Веќе 14 години интензивно сум посветена на здружението „Борка“. Токму на тој начин сфатив дека популарноста не значи ништо доколку не ја употребиш за повисоки цели и правење добри дела во општеството во кое живееме. Ако сакаш да се променат нештата, тргни од себе е мојата девиза по која се раководам веќе подолго време. И функционира, бидејќи ако не ни се допаѓа состојбата во која се наоѓаме, зависи од нас дали ќе направиме чекор на промена или ќе се жалиме на „лошата судбина“. Ако можат луѓето да се борат со ракот, да наоѓаат разни начини како да се соочат со самата болест, да се надеваат на секој нов ден дека ќе биде подобро, зошто и ние што се бориме со нив да не можеме да го следиме нивниот пример? Тие, борките, како што беа мајка ми, Дани, Марга, Вера, Андреј, Пале…тие се еден од примерите што ги следам.

Како вие се борите со вашите стравови? Кој е вашиот штит против секојдневните животни предизвици?
– Диши-издиши, утре е нов ден, и ова ќе помине. Ние луѓето сме многу похрабри и посилни отколку што мислиме. Тоа го дознав и за себе кога имав еден лош период. И искрено, не жалам. Дознав која сум, што можам да направам и дознав дека сум горда на оваа Биба што сето ова досега го постигнала сама.