Кристијан Теодоров, фотограф и кинематографер

Кристијан Теодоров од 2008 година ја почнува својата фотографска кариера како фотограф на концерти и фестивали. Официјален фотограф е на „Ред бул“ за Македонија. Работи и за брендови како „Марлборо“, „Скопско“, „Хајникен“, ЕВН, „Џек Даниелс“, „Јегер“, „Кока-кола“… Како директор на фотографија е потпишан на над 100 видеоспота, многу реклами и на неколку филма. Работи заедно со режисерот Огнен Шапковски и имаат сопствена продукција – ,,Мелем“. Тој беше дел од програмата на неодамнешната „Скопска фотонедела“.

Каква е „моќта на светлината“?
– Предавањето што го одржав на „Скопската фотонедела“ го нареков „Моќта на светлината“ бидејќи осветлувањето е најважното и незаменливо изразно средство во создавањето на филмот. Со помош на светлината, формата на објектот и неговиот надворешен изглед добива посебен карактер, односно тој објект дава информација за себе. Користењето на светлината и создавањето на светлосната атмосфера во кадарот овозможуваат публиката да го доживее филмот реално и естетски.

Концертна, комерцијална фотографија, кинематографија… Во што уживате најмногу?
– Во повеќе уметнички полиња, во сѐ барам уметничка жичка. Во последен период повеќе работам во филмот, но се трудам да не ја запоставам фотографијата. Колку и да се слични, тие имаат некои разлики. Во филмот се јавува и поимот движење. Во фотографијата секој кадар е приказна сам за себе и е независен, додека во филмот секој следен кадар е зависен од претходниот и од тој што следува. Фотографијата ја гледаме онолку долго колку што ни е потребно да извлечеме информација од неа, додека во филмот должината на информацијата, односно должината на филмскиот кадар ја одредува самиот автор. Фотографскиот кадар може да биде поставен и хоризонтално и вертикално, додека композицијата на филмскиот кадар е секогаш хоризонтална. Фотографијата секогаш се гледа во добро осветлена просторија, додека филмот се гледа во добро затемнета просторија каде што не постои контакт со реалниот свет.

Што ве предизвика да се пробате во видеопродукцијата?
– Откога се запознав со Огнен Шапковски, режисер, започна оваа авантура. Еднаш по концерт ми рече: „Ќе те правам камерман“. И тоа се случи, почнав да се градам и на тоа поле. Сѐ започна со првата соработка на спотот на „Ај кју“ и Леа на песната „Не заборавај“. До денес сме неразделни и работиме заедно. Сакаме нашиот производ навистина да биде „мелем“ за душа, како што се вика и продукцијата.

Фотографирате за звучни брендови. Колку комерцијалната фотографија дозволува креативност?
– Не секогаш имаш одврзани раце, бидејки маркетинг-агенциите веќе имаат подготвено сценарио и од тебе сакаат само квалитет и професионалност. Единствено каде што можеш да дојдеш до израз како фотограф е на настаните што ги организираат. Многу е битен твојот осврт од настанот, понекогаш треба да си изрежираш ситуации и да ја разубавиш атмосферата.

Која е тајната состојка за добра реклама, спот или филм?
– Секогаш се битни сценариото или пораката, ако немате добро сценарио, попусто е убава фотографијата. Затоа велам дека сложената технологија на филмското производство наложува соработка на низ автори: сценарист, режисер, снимател, актери, сценограф, костимограф, монтажер, композитор и другите технички и организациски лица. Филмот или рекламата се колективна уметност.
Фасциниран сум од филмската индустрија, затоа и постепено натаму се насочувам. Сакам да работам на игран филм.