Нема позначаен музички настан кај нас во последно време без учество на ученик од Академијата за естрадно пеење, која постои три години, а за овој изминат период нејзините членови постигнале големи успеси на домашни и на странски фестивали. Младите таленти ги едуцира Ана Костадиновска, а менаџер на академијата е Марјан Катароски.

– Од нашите редови досега излегоа многу успешни вокали, кои денес смело ја освојуваат македонската естрада, како Антониа Гиговска, Лина Пејовска, Сара Гигова, Драгана Јовановска, Мина Блажев… Сите овие деца на нашата држава ѝ донеле многу награди и признанија од сите земји во светот. Секако дека ми значат успесите на моите ученици надвор од нашите граници, бидејќи тоа ми покажува дека, иако млада, нашата академија за естрадно пеење веќе може да си ги измери силите со светски школи што постојат многу подолго и гордо да се закити со награди и признанија – вели Ана Костадиновска.

Според Марјан Катароски, целта на академијата е да се направи едно јадро на едуцирани пејачи со кои ќе можеме достојно да ја претставиме Македонија на најголемите меѓународни фестивали низ светот.

– Се чини дека целта веќе ја надминавме, победуваме насекаде, а полека нашите деца созреваат и ја освојуваат и македонската естрада. За некоја година тие ќе владеат со естрадата. Нашите ученици настапуваат на најголемите фестивали низ светот, без нив не поминува ниедна регионална телевизиска шоу-програма („Пинкови ѕвездички“, „Ѕвездите на Гранд“, „Некои нови клинци“…), а дел се и од „Детска евровизија“.

Наскоро ќе ги видиме на „Евровизија“. Веќе снимаат хитови за домашната естрадна сцена и затоа што се образовани и оформени пејачи, полни со светско искуство, сигурен сум дека долго ќе траат. Се надеваме дека некој од нив ќе се закити и со светска слава – посочи Катароски.

Да потсетиме на поголемите успеси на членовите на академијата.

– Талентираната Антониа Гиговска освои гран при на фестивал во Москва, прво место на фестивал во Рига, гран при на меѓународниот фестивал „Езерски бисери“ во Струга. Мина Блажев беше меѓу најдобрите на регионалното музичко шоу „Пинкови ѕвездички“, бисер на фестивалот „Езерски бисери“, а учествуваше и на детски „Евросонг“. Сара Гигова исто така беше дел од „Пинкови ѕвездички“, освои гран при на фестивал во Русија… и да не набројувам, навистина има многу награди и успеси – ни рече Костадиновска.

Во моментот таа го подготвува Омар Џафероски (17), кој ќе настапи на фестивал во Литванија, на 28 ноември.

– Пеењето ми значи многу и интензивно работам на развивањето на мојот талент и се надевам дека ќе постигнам успех на интернационалниот фестивал „Каунас талент“ во Литванија, каде што ќе настапам заедно со млади таленти од целиот свет. За да ја претставам Македонија во што подобро светло, секој ден одам на часови кај Ана Костадиновска, а академијата ја посетувам повеќе од една година. За да бидам во форма, убавиот глас го чувам со одморање и избегнувам да ги оптоварувам гласните жици – вели Омар.

Омар Џафероски