Аеродромот „Чанги“ во Сингапур во најновата понуда „патување без патување“ на своите клиенти им нуди „гламурозно кампување“ во шатор. Ова необично патувачко искуство има за цел да ги зголеми приходите за време на пандемија. Едно ноќевање чини 269 долари и билетите за ова „гламурозно кампување“ веќе се распродадени, објавува „Гардијан“.

Аеродромот „Чанги“ осум години по ред е прогласен за најдобар на светот. Сега на своите гости кои ќе кампуваат им овоможува да се разбудат со прекрасен поглед на величествениот „ХСБЦ Рејн Вортекс“, најголемиот водопад во затворено на светот“. Шаторите се со дијаметар од четири метри и со големи кревети и ќебиња. Во овој пакет услуги вклучени се попусти за купување и фрижидери за пикник. Шаторите немаат приватни бањи и гостите мораат да ги користат постојните аеродромски тоалети.

Аеродромот има базен, климатизирани градини, патеки за пешачење, затворен водопад и многу луксузни продавници и ресторани.