„Леуново ОЦР“ – трка со совладување пречки во планинска средина во селото Леуново, Мавровско, ќе се одржи на 26 септември во организација на „Регруп“, компанија што го произведува македонскиот спортски бренд „Хани беџер“.
– Настанот претставува спортско-рекреативно натпреварување во кое учесниците треба пеш да совладаат 12 километри шумска патека исполнета со пешадиски пречки, кои ќе треба да ги совладаат како контролни точки. Пешадиските пречки претставуваат баланс-греда, качување по јаже, прескокнување преку дрвен ѕид, носење товар (вреќи наполнети со песок во оптимална тежина) на одредено растојание, ползење по кал, фрлање копје, совладување стрмен терен и слични други пречки изработени од дрво и од метал, како и природни пречки што се наоѓаат на теренот, потоци, вирови и слично. Учесниците можат да се натпреваруваат индивидуално или тимски, со тоа што важно е тимот да има над четворица учесници, со тоа што за пласман ќе се земат времињата од три најдобри времиња за мажи во тимот и едно време за жени – информираат организаторите.

Стартот на трката ќе биде на самата брана на Мавровско Езеро во селото Леуново, од каде што се упатува кон шумите на националниот парк.
– Настанот е инспириран од други исти вакви настани во светот што добиваат сѐ поголема популарност, во последно време вакви настани се популарни во Србија и на Балканот воопшто. Ова е прво вакво натпреварување во Македонија. Учесниците се со високо ниво на физичка подготвеност, со што самиот настан добива атрактивност, затоа што на настанот учествуваат кондициски најподготвените граѓани, иако во име на забавата учествуваат и луѓе што не се натпреварувачки настроени, туку само сакаат да го почувствуваат настанот и да се предизвикаат себеси, само за забава – додаваат од „Леуново ОЦР“.
Трката поради пречките носи воен дух и ја одликува неверојатната забава. На крајот од трката, планирана е забава сo диџеј.