Британската поп-ѕвезда Адел сподели фотографија во знак на почит кон карневалот Нотинг Хил, кој ја слави културата на Карибите и на црнците во Велика Британија, кој годинава ќе се одржува во виртуелен формат поради пандемијата на коронавирус, пренесуваат светските медиуми.

Таа се соочи со реакции во јавноста за бикинито и фризурата што ги носеше на објавената фотографија на Инстаграм по повод откажаната прослава на карневалот во Нотинг Хил.

Адел носи бикини со мотиви на знамето на Јамајка и традиционална африканска фризура, плетенки „банту“, поради што наиде на критики, бидејќи многумина на социјалните мрежи ја обвинија за културно присвојување.

– Почитувани бели луѓе, ве молиме само бидете свои и запрете засекогаш со културни присвојувања. Адел, плетенките банту не се потребни. Бикинито со знаме од Јамајка уште понепотребно… Ве молам само запрете – е една од негативните реакции на нејзините обожаватели.

Сепак, други застанале во одбрана на Адел.

„Сакаме да го гледаме нашето знаме насекаде! Ова ме насмеа. Тоа го покажува влијанието на мојот мал остров врз целиот свет. Колку навистина сме влијателни“ – гласи друг твит.

Поддржувачите на Адел сметаат дека станува збор за „почитување на културата, а не за присвојување“.

– Повеќе од 50 години карневалот е потврда на движењето „црните животи значат“. „Тоа е нормално за нас. Не е нешто во што сега се вклучуваме, само поради она што во моментот се случува – изјави извршниот директор на карневалот, Метју Филип, за „Гардијан“, зборувајќи за значењето на настанот во 2020 година.